Во нов филм на Тарантино: Ди Каприо и Бред Пит за првпат ќе глумат заедно


САД- Холивудските актери Леонардо ди Каприо и Бред Пит ќе учествуваат во новиот филм на американскиот режисер Квентин Тарантино, кој ќе излезе на големиот екран во август 2019 година, соопштува „Холивуд репортер“.

Според информациите на весникот филмот ќе биде насловен „Once Upon a Time In Hollywood“, а дејството ќе се развива во Лос Анџелес во 1969 година. Заплетот пак ќе открива историјата на поранешна ѕвезда од телевизиските Вестерни и неговиот дублер, кој не може да се прилагоди на новиот живот.

Тоа ќе биде првиот филм во кој двајцата познати актери, носители на „Оскар“, ќе учествуваат заедно, иако и двајцата работеле со Тарантино и порано.

„Многу се радувам што ќе ја раскажам приказната за Лос Анџелес и за оној Холивуд, кој веќе не постои“, изјави Тарантино, кој живеел во градот речиси во текот на целиот свој живот.

Режисерот, исто така, рече дека за пишување на сценариото му требало пет години.