Во Кривичен се гледаат видео записи за настаните во Собранието од 27 април


Со следење на видео снимки од камерата број 16 во Собранието на РМ во ходникот што води од „Длаборез“ салата кон Прес-центарот почна денешното рочиште во Кривичниот суд за настаните од 27 април минатата година.

На снимката се гледа како во 18:45:00 часот насилно се отвора вратата во ходникот и се крши стаклото, по што прв поминува обвинетиот Никола Митревски со фантомка на глава, а по него и дел од другите обвинети. Тие во 18:53 часот се движат кон прес-салата.

Во 20:06:43 часот поголема група на припрадници на ЕБР со панцири и шлемови, а некои и со штитови се движат кон Прес-центарот, а во 20:08:02 часот натаму оди и пратеникот Никола Тодоров со четворица доктори. Подоцна доаѓа уште една група полицајци  и се упатува кон прес-салата. До 22:00:00 часот се гледаат полицајци како се движат кон и од Прес-центарот на Собранието.

Ричиштето продолжи со гледање видео снимки од камерата во Собранието што ги снима лифтот и скалите пред прес-салата. На снимките се гледат дел од обвинетите  со фантомки и без маски како се движат од и кон Прес-центарот, како и други луѓе кои се движат по скалите надолу или кон и од салата „Длаборез“. Меѓу нив има и лица кои ги насочуваат луѓето каде да се движат. Во еден момент се гледа како поголема група новинари со трчање се упатува од Прес-центарот по скалите кои водат кон излезот од Собранието на долниот кат. Подоцна на снимките се гледа обвинетиот Влатко Трајковски како со ПП апарат прска по луѓето кои си одат од пред Прес-центарот.

Во моментов судењето е на пауза до 15 часот кога ќе продолжи следењето на видео записот од камерата што го снима лифтот и скалите пред прес салата.

Денешното судење за 27 април почна со доценење од еден час поради присуството на дел од адвокатите на обвинетите на рочиштето за предметот на СЈО „Титаник“.