Во Дојран нема слободен кревет за празниците, слично е и во Охрид


Леглата во комерцијалниот и приватниот сектор во Дојран уште од вчера попладне се целосно пополнети, така што од синоќа не може да се најде слободно место“, изјави денеска градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Според претставници на Туристичкото биро, на дојранското крајбрежје има преку 10.000 туристи.

Најголемиот број гости, посочуваат туристичките работници, се од нашата земја, а во помал број ги има и од странство, особено еднодневни туристи од Грција кои по посетата на казиното и рестораните покрај езерскиот брег се враќаат дома.

Слично е и во Охрид. Поголемите сместувачки капацитети и хотелите се речиси целосно закупени, а само кај помал дел има преостанати слободни легла кои се очекува да бидат пополнети со гости што ќе дојдат во приватна режија, односно оние што во последен миг ќе решат за Велигден да бидат во Охрид.

И овојпат најбројни ќе бидат гостите од Бугарија, од Србија, Грција, Албанија, Црна Гора, но има и значаен број туристи од подалечни земји. За исполнетоста ќе придонесат и голем број наши иселеници кои ќе бидат тука за празниците.

Кога станува збор за туристичките агенции во градот, нивните очекувања укажуваат на просечна пополнестот на понудените аранжмани, во најголем дел со домашни гости или туристи од непосредното опкружување.

Кај приватните станоиздавачи не можат да се дадат оценки за бројот туристи што го одбираат сместувањето во апартмани и соби, но по традиција Охрид секогаш бил солидно посетен за Велигденските празници. Првите гости во Охрид пристигнаа уште синоќа, во најголем дел оние кои имаат свои станови.