Кај Маврово запленети 30 килограми марихуана


Три јутени вреќи со околу 30 килограми марихуана се пронајдени и одземени вчера во патничко моторно возило „Цитроен“, со скопски регистарски ознаки на регионалниот пат Дебар – Маврово, а приведени се три лица.

МВР денеска соопшти дека синоќа околу 20,00 часот, на регионалниот пат Дебар – Маврово, во близина на Мелнички мост, сопрено е патничко моторно возило „Цитроен“, со скопски регистарски ознаки управувано од Ќ.М.(63) од скопско Арачиново. При преглед на возилото, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана.

– Ќ.М.  е приведен, а по дополнително преземени мерки, на граничниот премин „Блато“, во близина на Дебар, приведени се и албанските државјани Д.Ц.(41) и А.М.(45). По наредба на надлежен Јавен обвинител, приведените лица се задржани во полициската станица во Дебар за натамошна постапка, се појасува во соопштението.