Возач на ЈСП на скопјанец му врати паричник со цела плата
Скопјанецот Фериз Шабани си го добил назад паричникот полн со пари, кој го изгубил во автобус на ЈСП „Скопје“. Паричникот го нашол возачот Мирослав Деспотовиќ, кој веднаш го пријавил во внатрешната контрола на јавното претпријатие. Сопственикот Шабани бил веднаш контактиран, а парите и документите си ги добил назад уште истиот ден.
„Пресреќен сум, плачев од радост. Во паричникот ми беше целата плата, имав 10.000 денари и 200 евра. Да не зборувам дека внатре беа мојата и личната карта на мојата сопруга и сите други документи. Не знам како ќе преживеев без парите, до следната плата. Премногу сум благодарен што сè уште постојат чесни луѓе“, вели Шабани.
Деспотовиќ и Шабани
Несекојдневниот настан се случил деновиве во автобусот број „53“, кој сообраќа од Транспортниот центар до Катлановска бања. Шабани, со својата сопруга и со целата плата в џеб, тргнал да пазарува на Бит-пазар. Паричникот го изгубил меѓу седиштата. Го открил возачот Деспотовиќ на последната постојка кај Транспортниот центар, при редовната контрола на празниот автобус. Тој вели дека не е ниту прв ниту, пак, последен случај да се најде паричник во автобус, но многу ретко се случува да е полн.
Од јавното претпријатие велат дека возачот ќе биде награден за својата чесност. Тоа е редовна практика кога се враќаат вредни работи. Најчесто, велат во ЈСП, граѓаните во автобусите ги губат персонализираните картички „скопска“, клучеви, приврзоци, чадори или здравствени книшки. Има и облека, капи, ракавици, ранци со спортска опрема и друго. Сепак, во делот изгубено-најдено најретко се наоѓаат мобилни телефони, се случило само еднаш во две години. (С.Н.)