Владимир Милчин: Признавам дека веќе не верувам во Заев


Владимир Милчин на неговиот Фејсбук профил напиша дека се излажал и дека веќе не верува во премиерот Зоран Заев.

– Признавам дека верував во Заев. Признавам дека се излажав. Признавам дека сакав да верувам дека Заев е во ред, а дека тие околу него не чинат. Признавам дека веќе не верувам во Заев, напиша Милчин на неговиот Фејсбук профил.

Пред десетина дена, поранешниот прв човек на „Отворено општество -Македонија“ исто така јавно ѝ се обрати на власта. „Читам и слушам дека младите маоисти во Владата, кои јас ги викам преторијанци, се прашувале што сака стариот (Милчин) со своите постови и изјави. И еве, решив да им ги олеснам страдањата и јавно да им соопштам што сакам и што не сакам. Што не сакам? Не сакам да бидам консултиран ниту за преговорите за името ниту за која и да е друга владина политика. Зошто? За да не ми бидат врзани рацете јавно да ги критикувам потезите на власта (Владата и Собранието), како што ја критикував власта со која командуваше Груевски. И за да можам слободно и без обврската да бидам “добронамерен” кога ја критикувам актуелната власт за неисполентите ветувања за ЖИВОТ ЗА СИТЕ“, пишуваше тој.

Понатаму, Милчин додава дека сака премиерот и лидерот на СДСМ Заев доследно да го спроведе своето ветување за најавеното мартовско проветрување во владата и нејзините филијали врз основа на неспособност, злоупотреба на функциите, непотизам, клиентелизам, коруптивност и, да не редам понатаму, долга е листата.

„Сакам владата на Заев да направи анализа на извештајот во кој Македонија е рангирана како исклучително корумпирана земја и да им соопшти на граѓаните какви мерки ќе преземе Македонија да се одлепи од дното во следниот годишен извештај. Имам и полесно остварливи желби. На пример, Архивот на РМ да се врати во старата зграда, а не во неа да се всели, како што слушам, некое обвинителство. Сакам заштитата на културното наследство да биде највисокиот приоритет во буџетот на Министерството за култура. Сакам веднаш да се исплатат неисплатените ученички стипендии. Сакам да се исполни ветувањето дека парно греење нема да плаќаат оние што го откажале. Следната желба не бара пари, бара малку морал. Сакам да видам на дело пристојност кај бившите и сегашните функционери во власта кога станува збор за финансиските повластици и луксузирањата кои се дополнителен товар за буџетот и навреда за граѓаните, особено оние кои одвај крпат крај со крај. Сакам да му се стави крај на неформализираниот конкордат меѓу партиите на власт и МПЦ и ИВЗ. Сакам функционерите на коалициониот партнер ДУИ кои направиле криминал да бидат изведени пред лицето на правдата. Нели граѓаните беа еднакви пред законот?
Сакам Заев да не заборава дека, доколку НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР! А правда нема. Мир има, но има и револт кој расте поради тоа што правда има само за привилегираните“,  пишуваше Милчин.