Владата, инженерите и економистите


Никола Поповски

Пред извесно време се одржа интересна прес-конференција на заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори на која тој го образложи буџетот на Македонија за наредната 2018 година. Од многуте искажани работи на таа прес-конференција, неколку, со својата острина и несоодветност во изразот го привлекоа вниманието и отворија некои вечни дилеми за раководењето со македонската економија.
Имено, меѓу другото, беше искажана и реченица дека овој буџет е „најекономскиот““ предложен досега. Тие два збора отворија многу дилеми во врска со децениската практика на македонските премиери и влади, позициите на заменик премиер задолжен за економски прашања да се доделуваат на успешни деловни луѓе, односно бизнисмени што, скоро по правило, доаѓаат од техничките струки. Совршено е јасно дека буџетите се економска категорија пар екселанс и дека не постојат буџети што можат да се наречат неекономски, полуекономски, економски, поекономски, помалку економски или најекономски. Едноставно тие се економска категорија и толку. Ако сакате попрецизно, тие се типична и стандардна макроекономска категорија и инструмент на економската политика. Буџетот има една основна функција – да обезбедува јавни добра во економијата и општеството. Концептот на јавните добра е познат и образложен во теоријата а во праксата функционира од прастари времиња. Буџетот има и други функции како што се социјалната, стабилизациската, развојната и други, чија вазност и значење некогаш е поголемо, а некогаш помало зависно од состојбата на економијата или доминантното сфаќање за улогата на државата во општеството. Но тие функции никогаш не биле поголеми или поважни од основната негова функција. Се разбира дека не можат ни да бидат.
Уште од самото осамостојување па до денес, по некоја чудна и невообичаена, но кај нас стандардизирана навика, инженерите раководат со економските политики. Понекогаш и правници. Во првата влада на независна Македонија тоа беше славниот Јован Андонов, наречен Реган, инаку инженер, а потоа и правникот Васил Тупурковски, па инженерите Минчо Јорданов, Владимир Пешевски, до сегашниот Кочо Анѓушев. Веројатно тие се одлични стручњаци во своите струки и способни деловни луѓе и токму затоа стигнале на високи позиции во власта, но управувањето со економијата на една земја би требало да биде сфатено малку поинаку и многу попрофесионално. Координацијата на ресорите што се задолжени за економските дејности е сложена работа која бара познавања и широко поимање на нештата. Особено на појмовно и концепциско ниво.
За илустрација на проблемите со појмовното ниво може да се наведе дека пред неколку години, тогашниот заменик премиер за економија,Пешевски, во една изјава за медиумите долго зборуваше дека е убеден дека бруто националниот доход (БНП) на земјата во идната година ќе растел побрзо. Зборувајќи и мислејќи на БНП, тој всушност и не знаеше дека зборува за категоријата Бруто домашен производ (БДП). Инаку, тие два макроекономски индикатори и категории концепциски и вредносно се прилично различни и кога зборуваме за едната обично не мислиме на другата. Впрочем, во Македонија БНП официјално не се ни пресметува ни објавува, иако можеби тоа би требало да се почне. Но неразбирањето на поимите ги оддалечува надлежните од добри и ефикасни решенија во економската политика. Еден друг заменик премиер за економија во минатото пак не можеше појмовно и ефективно да ги разликува категориите работоспособно население и работна сила, нешто што е абецеда на пристапот кон изучувањето на проблемите со вработеноста и невработеноста на работната сила.
Вакви примери со замениците на премиерите за економски прашања се бројни. Тие обично доаѓаат од една дејност во економијата, најчесто индустријата, и тоа од неколку индустриски гранки, најчесто металургијата, машиноградбата или енергетиката и немаат стручни и научни познавања ниту практични сознанија за функционирањето на економијата во целина, а сепак раководат со неа.
Економската политика е многу сериозна и сложена област околу која концепциски постојат вековни теоретски и практични несогласувања, но во суштина не постојат големи категоријални несогласувања околу нејзините цели, задачи, инструменти и мерки, ниту околу категоријалниот апарат што се користи. Економистите, особено макроекономистите, дури и кога не се согласуваат или пак имаат дијаметрално различни сфаќања прилично брзо и лесно се разбираат што зборуваат и за што зборуваат. Тоа понекогаш, како што е впрочем вообичаено и во другите струки и науки, можеби е и нужно. Но влегувањето во тие води од страна на нестручни луѓе може да биде со иста тежина како кога на економист би му дале да конструира некоја машина или на правник да изврши операција. Колку ова да изгледа чудно и да се смета дека не е така, тоа сепак е така.
Координацијата на ресорите што ги покриваат земјоделството, индустријата, градежништвото, трговијата, трудот и социјалната политика, финансиските услуги, образованието и здравството и други дејности е ѓаволски тешка и таа треба секојдневно и успешно да се комбинира со соодветните модели на економска политика во кои спаѓаат фискалната, надворешно-трговската, политиката на доходите со нивната примарна и секундарна распределба, па да се координира со независната монетарна политика, антимонополската политика, регулаторна политика во разните области како што се енергетика, телекомуникации и многу друго. Шлагот на тортата е примената на развојните политики и тоа оние краткорочните со среднорочните и долгорочните. Само последниве се обременети со голема лепеза на опции за избор од кои ни најдобрите не можат лесно да направат соодветен микс. Ако не сте спремен на највисоко можно ниво да го правите тоа, можеби е добро да го препуштите на друг. Во такви услови не е лесно да ги разликувате суштинските разидувања меѓу развојната политика базирана на експанзија на извозот од онаа ориентирана кон супституција на увозот. Ниту онаа на балансиран од онаа на небалансиран економски раст. Ниту факторскиот приод кон растот на економијата. Тие постојано и неправилно ќе се преплетуваат без големи изгледи за успех.
Можеби затоа во текот на сите овие речиси три децении во нашата земја формалната координација и раководењето на економската политика е дадено на еден од замениците на премиерот, а во суштина таа е препуштена на министерот за финансии, кој пак секогаш е со соодветно формално и стручно образование. Можеби и тука со еден исклучок на човек за кој се знае дека образованието го стекнал по сосема случаен пат. Оттука не треба ни да не чуди што ниедна влада до сега, подвлекувам – ниедна, не се откажала од суштинското право на вето од страна на министерот за финансии на одлуките на владата. Тоа до некаде го компензира вградениот погрешен запчаник, но и овозможува функционирањето на тој несекојдневен спој што произведува потенцијални опасности поплочени со најдобри намери.