(Видео) Ѓорчев пак набројува: бев во Аеродром, во Тетово, во Гостивар…
Во познатиот манир, како што своевремено набројуваше во која сѐ општина ВМРО-ДПМНЕ остварила изборна победа, пратеникот Влатко Ѓорчев се обрати попладнево од собраниската говорница, на седницата за интерпелацијата против владата. Овој пат, тој набројуваше во кои општини бил во изминатите неколку дена.
„Во последните пет дена, бев во пет општини во државата. Бев во Тетово, во Гостивар, во Аеродром, во Кисела Вода и во Центар. Се видов со многу луѓе и не сретнав човек кого не го боли џигерот за ова што се случува во државата“, рече Ѓорчев.
Потоа, тој повторно набројуваше кои општини ги посетил и рече дека не сретнал човек кој не се загрижен.
„Оваа Влада потроши речиси една година. И ниту една бандера не е поставена оттогаш, ниту една шајка не е закована“, рече Ѓорчев.
Пред него говореше потпретседателот на парламентот Горан Мисовски од НСДП. Тој рече дека интерпелацијата на ВМРО-ДПМНЕ не е издржана и дека методите на опозициската партија нема да бидат издржани сѐ додека ова нејзино раководство не се огради од, како што рече, злосторствата што ги направи ВМРО-ДПМНЕ во претходните десет години владеење. Тој посочи и на неколку цитати од „бомбите“ на СДСМ, како поткрепа за методите на владеење на Никола Груевски.