(ВИДЕО) Солунскиот градоначалник Бутарис претепан од грчки националисти
Јанис Бутарис, градоначалникот на вториот по големина град во Грција, Солун, е примен во болницата денес наутро по напад за време на комеморација, за што се осомничени крајнодесничарски активисти.
75-годишниот Јанис Бутарис присуствувал на комеморација за масакрот врз црноморските Грци од Турците за време на Првата светска војна. За време на настанот, тензијата меѓу насобраната толпа ескалирала.
„Ме влечеа и ме удираа насекаде“, изјави Бутарис за локалната агенција АНА. „Тоа беше кукавички напад, но сега сум во ред“, додаде тој. По нападот, некои од напаѓачите се обиделе да ги скршат прозорците на неговиот автомобил со кој тој се обидувал да го напушти местото.
Од канцеларијата на премиерот Алексис Ципрас велат дека напаѓачите се припадници на екстремно десничарски групи.
Бутарис постојано ги бранува политичките кругови во Грција со неговите изјави за Македонија, Турција и за Израел.