(Видео)Хаос во Венецуела


Ривалски демонстрации се одржуваат во главниот град на Венецуела, Каракас, каде илјадници луѓе излегоа на улиците.

Ова се случува откако опозициските водачи се обидоа да ја внесат хуманитарната помош во земјата покрај противењето на претседателот Николас Мадуро.

Илјадници приврзаници на Мадуро излегоа во центарот на градот со звуците на трубите, додека многу други беа на мотоцикли.

Приврзаниците на опозицијата во Венцуела пак, се собраа на воениот аеродром во регионот на Каракас, јави Тас. Според дописникот на агенцијата, собрани се околу 50.000 демонстранти. Извикуваат погрдни зборови на сметка на владата и истовремено ја повикуваат војската да ја смени страната. Ситуацијата е мирна, нема судири, додава Тас. Многумина се облечени во боите на венецуелското знаме, (жолто, црвено, сино)

Собирот на опозицијата во главниот град е многу помал од оној на приврзаниците на владата, но Венецуелците кои бараат заминување на Мадуро, масовно излегоа во близина на граничните премини и бараат од војската да им дозволи влез на помошта од соседните земји.

Опозицискиот лидер Хуан Гуаидо денеска објави дека првиот камион со хуманитарна помош влегол во Венецуела преку бразилската граница, покрај наредбата на претседателот Мадуро таа граница да се затвори.

„Внимание Венецуело, официјално објавуваме дека првиот товар хуманитарна помош влезе преку нашата граница со Бразил. Тоа е голем успех за Венецуела“, напиша Гуаидо на Твитер.

Мадуро демантира дека постои хуманитарна криза и наложи затворање на границите на Венецуела за да го блокира влегувањето на хуманитарната помош за која смета дека е само изговор за воена интервенција.

Гуаидо денеска се упати во местото Кукута на границата со Колумбија каде е складирана пристигнатата хуманитарна помош од САД. Тој рече дека стои меѓу тони помош, но дека владата на Мадуро не дозволува да влезе во Венецуела.

Во друг град кој се граничи со Колумбија, венецуелските војници со солзавец ги растеруваа демонстрантите кои се обидоа да дојдат до мостот „Симон Боливар“ во градот Сан Антонио Тахира за да бараат дозвола да влезе хуманитарната помош, пренесе Франс прес.

Гуаидо пред еден месец се прогласи за привремен претседател на земјата и вети дека ќе ја прекине, како што рече, тиранијата на претседателот Мадуро.