Велика Сабота, денот меѓу смртта и воскресението
Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник.
Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.
Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој.
Овој е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. За нас, па, ова е ден за сози на љубовта и благодарноста.
Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението.
Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето.
Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение.
Смртта не може да Го задржи самиот Живот – Животодателот.
Саботата е денот кога, во почетокот, Бог, откако го завршил создавањето на светот и човекот, видел дека е сè добро и се успокоил, се одморил, отпочинал и овој ден станал ден на покојот. Исто така и Христос го завршил Своето богоспасително дело до Петокот попладне и во Саботата, успокоен, во божествен покој лежел во гробот, заспан во смртен сон. Велиме заспан, затоа што и Он така рече за умрената девојка која ја воскресна од мртвите, а на луѓето што плачеа им рече: „Девојката не е умрена, туку спие“ (Матеј 9, 24; Марко 5,39; Лука 8,52).
Велика Сабота е крајот на празничноста на саботата, оттогаш престанува саботата да биде основниот празник, бидејќи потоа ќе се празнува неделата – денот на Воскресението и спасението, денот на христијанството и на новата ера, денот по Христа.
Денес одбележуваме три вашни настани: упокоението и престојот на Христа во гробот, чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во адот (пеколот) и отворање на рајот.
Богослужбата е поврзана со содржините од Библијата. Најпрво, пред плаштаницата, се читаат текстови од пророкот Језекиил: пророштвото за воскресението од мртвите (Језек. 37,1-14), а по нив, Апостолот ни кажува за тоа дека треба да го отфрлиме стариот квас, „оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас“ – „Христос нè искупи од клетвата на Законот“ (1. Кор. 5,6-8; Гал. 3,13-14) и најпосле, Евангелието говори за запечатувањето на гробот и поставувањето стража (Матеј 27,62-66).
На Литургијата, пак, се чита Евангелието за Христовото воскресение (Матеј 28,1-20) и богослужбено оттогаш започнува Воскресението.
Само на Велика Сабота, и на утрената и на Литургијата, Евангелието не се чита од вообичаеното место: од амвонот или од дверите, затоа што овојпат се чита на Христовиот гроб, пред Плаштаницата. Зошто? – Затоа што ангелот Божји бил на гробот Христов и оттаму им ја објавил веста за Христовото воскресение на жените мироносици.
Се служи Василиева литургија, која започнува со Вечерна и свештеникот ја служи Литургијата во црни одежди, сѐ до читањето на паримиите и Апостолот (Рим. 6,3-11), по „Свети тихиј…“, а потоа, започнува празнувањето на Христовото воскресение. Се пее: „Воскресни Боже, суди и на земјата, зашто Ти владеш над сите народи“. Притоа, свештеникот ги соблекува црните одежди и облекува бели, светли одежди, затоа што токму на оваа Литургија завршува огласувањето на огласените, односно, завршува подготовката за оние што чекале да се крстат и веднаш следи нивното крштение. Додека се читале 15 паримии, свештеникот крштевал. Се пее: „Елици во Христа креститесја…= Вие кои во Христа се крстивте…“ Истовремено, кога свештеникот ги преоблекува одеждите од црни во бели, тогаш и на престолот во олтарот и во храмот се заменуваат црните покривалки со бели, светли. Престолот го претставува гробот Христов, а светлите облеки се праслика на Ангелот којшто бил на гробот, со светли облеки и им ја соопштил веста за најголемата светлина – светлината на Христовото воскресение. Затоа и ѓаконот, во светла одежда како ангелот, од средината на храмот, пред Плаштаницата го чита Евангелието и им соопштува на луѓето за Христовото воскресение.
Место херувимската песна, денес се вели: „Да молчи секое човечко тело, и со страв и трепет да стои…“, а за причестувањето се пее, велејќи: „Стана како да спиеше, Оној што нас нè спасува: Алилуја“.
На Велика Сабота, пред полноќ, се внесува Плаштаницата од сред црква во олтар, молчејќи, со кадење и се поставива на Престолот, каде што останува до Спасовден, во спомен на 40-дневниот престој на Христа на земјава по Неговото воскресение. На Спасовден Господ се вознесе на небо.
Во Ерусалим, на Велика Сабота, во гробот Господов, катагодина се случува чудо: Бог го дава Светиот благодатен оган на Ерусалимскиот патријарх и преку него, на сите луѓе. Од гробот Христов, верниците го разнесуваат огнот до сите домови во Светата Земја, а поклониците (аџиите кои биле таму) го носат низ целиот свет. Цел свет се осветлува со светлината на Христовото воскресение и светлината на Христа – Сонцето на правдата и радоста.
На трпезата строг пост. Велика Сабота е единствената сабота во годината, кога постот е строг и не се јаде зејтин. Но, за поткрепа на оние што се на целодневната молитва, допуштено е и вино.
Упокоението и престојот на Христа во гробот
Господ Исус Христос бил погребан во нов гроб, во гробницата на Јосиф од Ариматеја. „Бесмртниот како смртен во гроб се полага“, вели црковната песна (кондакот).
Зошто бил поставен во нов гроб?
Јосиф откако добил дозвола од Пилат, го симнал телото од крстот и го зел како скапоценост. Го обвил во чиста плаштаница и Го подготвил Христа за погребение. Сето тоа морал да го прави во брзање, бидејќи немало многу време. Плаштаницата претставувала погребно платно, кое се помазувало со скапоцени мириси. Така обвитканото тело со плаштаница, според еврејскиот обичај, било положено во нов гроб, издлабен во карпа. Овој гроб бил семејна гробница на Јосиф од Ариматеја (Матеј 27,60), и се наоѓал блиску до Голгота, до местото на распнувањето.
Според местото каде што бил погребан Господ Исус Христос и достоинството што притоа Му Го оддале двајцата видни синедрионци Јосиф и Никодим, ако се исклучи само брзањето, затоа што се немало време оти настапувала саботата, Христовото погребение имало достоинство на царско погребение, погребение на висок достоинственик. Така беше пророкувал Исаија: „Му определијаа гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата Негова немаше лага“ (Иса. 53,9). На тој начин биле погребувани царевите во Јудеја, тие биле обвивани во плаштаници со скапоцени мириси и смеси, а биле полагани во нови гробови издлабени во карпа (4. Цар. 21,26).
Погребението, пак, го извршил сопственикот на гробницата – лично Јосиф со својот пријател Никодим. Луѓе значајни и видни – членови на Парламентот – синедрионци. Постапиле како што е редот и направиле сè како што треба.
На крајот, поставиле на гробот огромен камен. Зошто камен на гробот? Навалениот камен на гробната врата претставува заштита и затворање на гробницата.
Гробот бил хоризонтално издлабен во карпа, како влез во пештера, а не вертикално надолу, како што се гробовите кај нас. Затоа и бил поставен камен на вратата од гробот. Во ваквите гробови можеле да влезат и диви животни и да ги разнесат мртвите тела. А, во овие гробови живееле и бесомачни луѓе. За тоа ни сведочи и Евангелието, бидејќи некои такви бесни Христос ги излекувал. Се вели: „Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата“ (Матеј 8,28) и „ еден човек од градот, кој имаше бесови од многу години, и не облекуваше алишта, и не живееше дома, туку по гробовите“ (Лука 8,27; сп. Марко 5,3).
Освен бесните, во таквите гробови живееле и разбојници – таму се криеле и делеле плен. Но, сето ова било одбегнато, бидејќи гробницата имала голем камен на вратата и не можеле да влезат ни диви ѕверови, ни бесни луѓе, ни разбојници. Таа се наоѓала и близу до градот и во најдобрата алеа во гробиштата, а ја чувала стража.
Чувањето на гробот со стража
Во Евангелието е запишано следново: Христовиот гроб бил запечатен и чуван со стража. Зошто? Така побарале првосвештениците и фарисеите. Тие се сетиле на Христовите зборови дека по три дни ќе воскресне и се исплашиле. Време нема, утре е третиот ден. Омразата, нечистата совест и стравот биле посилни од саботниот закон за мирување. Лошите луѓе никогаш немаат спокој. Тие се плашат и се штитат и кога не треба. Затоа, го прекршиле и празнувањето на саботата и тоа Големата Сабота, Пасхална Сабота, како што ја викале саботата по Пасха, иако не смееле, го нарушиле покојот и отишле кај Пилата да побараат: да постави стража на гробот. Побарале да „нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ,Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.‘ Пилат им рече: ,Имате стража; одете и направете како што знаете.‘ Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, и каменот го запечатија“ (Матеј 27,64-66). Мислеле со стража ќе го спречат Христовото воскресение. Истовремено, провериле дали е телото тука од претходната ноќ и ја поставиле стражата да го чува. Несвесно постанале орудие на Божјата промисла: – Ако не поставеа стража, ќе можеа да речат дека се случило нешто друго, но сега немаат друг изговор, освен да се потврди вистината на Христовото воскресение. Тие, пак, задоволно си велеле: Денес го нарушивме празнувањето на саботата, ама завршивме голема работа!
Гробот бил запечатен. Кој го запечатил и зошто?
Го запечатиле првосвештениците, а им помогнале војниците од стражата. Го провериле гробот. Виделе дека е телото внатре. Го поставиле тешкиот камен. Прегледале дека нема друг отвор за излез и ги презеле сите мерки на претпазливост и безбедност. Потоа, со врвца го обмотале гробот и каменот и ставиле печат, како шо се запечатува секоја врата или отвор. Каков печат бил поставен? Запечатиле со печат на Синедрионот (со пешатот на Собранието – Парламентот), печатот на највисоката власт и суд. Безумство! Зошто го правеле тоа? Целта им била да се спречи воскресението на Христа, а се случило обратно: тоа било и најсигурниот доказ дека Христос воскреснал, а не го украле и не излегол од гробот, бидејќи бил запечатен.
На Христовиот гроб била поставена стража, а за тоа незнаеле ни Јосиф, ни Никодим, ниту жените мироносици, бидејќи тоа го договарале првосвештениците и Пилат. Стражата била испратена откако Јосиф и Никодим, а и жените, го напуштиле местото на Христовото погребение. Оваа вистина била и често повторувана меѓу Евреите во Ерусалим, кои знаеле за поствената стража на гробот Христов. Жените мироносици, ако знаеле за стражата крај Христовиот гроб, немало да се загрижуваат кој ќе го оттргне каменот од гробот за да Го помазаат Христовото тело со мириси.
Сè било по Божја промисла. Стражата била поставена за да чува, но и да посведочи. Сведоци на Христовото воскресение биле „и стражарите“ кои го чувале гробот (Матеј 28,4). Најверојатно токму тие – стражарите, кои биле крај гробот Христов, кога Он воскреснал, биле првите известувачи за Христовото воскресение меѓу ерусалимјаните, иако првосвештениците дури им понудиле и пари за да велат дека Христовото тело Го украле учениците Негови кога тие спиеле (Матеј 28,13). Смешна лага. Прво, како можеле учениците да го направат тоа кога имало стража и тоа од римската гарда што била кај Пилат и што го чувала храмот. Второ, тие Христови ученици се исплашиле и разбегале уште во Гетсиманија, а не сега. Трето, истите Го оставиле Господа кога бил уште жив, а што ќе им е сега мртов? Кому му треба мртов? И четврто, зар не е бесмислица: – Како можеле стражарите да видат дека некој Го украл телото, ако спиеле?! Петто: Најпосле, зар можело да останат неказнети римските гардисти за спиење на стража? Очигледна е лагата. Сепак, останува јасно дека веста за воскресението на Христа, тие ја разнеле низ Ерусалим, бидејќи жените мироносици, се вели дека ги опфатил страв и ужас и никому ништо не рекле, оти се боеле (Марко 16,8), а само на апостолите им ја соопштиле веста што ја чуле од ангелот Господов – дека Христос воскреснал. Стражарите се првовесници за Христовото воскресние.
Христовото слегување во адот и отворање на рајот
Христос по погребението е во гробот. Неговото тело е внатре. Он е присутен во гробот и е безбедно чуван.
Кога умре на крстот, Христос ја испушти Својата душа. Настапи смрт. Душата се одвои од телото, како и при секоја телесна смрт. Тоа не беше привидно, туку вистинито. Он навистина умре. Телото и душата се одвоија. Тоа го проверија и војниците и видоа, и посведочија дека е умрен. Затоа и Го симнаа од крстот и Го погребаа.
Но, додека е во гробот со телото, Он со душата отиде во адот.
Господ Исус Христос претрпе смрт, одвојување на душата од телото, но не претрпе распаѓање. Душата го напушти телото кога Христос умре, но смртта не можеше да го разруши телото, бидејќи го немаше во него квасот на распадливоста – гревот, затоа што Христос беше без грев – во сè еднаков со нас, освен во гревот. Вистински човек, но безгрешен, бидејќи беше и вистински Бог – Богочовек.
Освен нераспадливоста на телото, затоа што Христос беше без грев, исто така и душата Негова, не можеше да ја задржи адот, затоа што беше без грев. Во адот беа сите дотогаш упокоени луѓе, а со нив и многу праведници и светии, но тие не беа безгрешни – ја имаа клетката на првородниот грев. Христос, пак, не, и затоа немаа власт над Него ни гревот ни адот. Немоќни беа и адот и гробот – и земјата и подземјето. Да, Он беше човек, но без направен грев и безгрешно роден, а истовремено беше од Бога, но и Самиот беше Бог. Ни, смртта, ни адот, ни гревот, ни ѓаволот не можеа да го држат подвластен Седржителот.
Зошто слезе во адот?
За проповедтта на Евангелието на земјава – меѓу живите луѓе со тело и душа, Му беа потребни на Христа три години, а за проповедта на душите упокоени во адот, беа доволни три дена. Ете колку е помоќна душата. Времето од смртта до воскресението Христос го мина во спасителна проповед кај душите на умрените. Престојот на Спасителот на Велика Сабота во адот, означува победа над адот и смртта.
Обиколката со Плаштаницата околу црква трипати, освен што го претставува погребението, ја означува и Христовата обиколка низ пеколот. Тоа го претставува и Неговото проповедање на Евангелието низ целиот ад и на сите души, порано упокоени.
До крстната смрт на Христа во пеколот беа затворени душите на сите порано упокоени луѓе. До тогаш, таму, ѓаволот владеел со сите и тиранисувал. Таму биле и старозаветните праведници: Авраам, Исак, Јаков, Давид. Кога Христос влегол кај нив, засветлела Божјата светлина, се појавил Седжителот и Спасителот. Тогаш ѓаволот бил обессилен и поразен. Оттаму биле изведени сите што верувале во Господа Исуса Христа како Спасител на светот и умреле како верници со таа вера. Тие се израдувале кога Го виделе и весело тргнале по Него, излегувајќи од адот, одејќи од темнината на пеколот во светлината и блаженството на царството небесно. Ова Христово слегување е преведување од пеколот во рајот на душите на сите порано упокоени праведници.
Отворен е рајот. Во Саботата, од пеколот Христос отишол во рајот, заедно со разбојникот, кого го внел таму и постанал прв граѓанин на рајот. Така беше му рекол на крстот: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот“ (Лука 23,43).
По слегувањето на Христа во адот, оттогаш, душите на праведните христијани, по телесната смрт, веќе не одат во пеколот, туку ангелите ги носат на небото, во блажените живеалишта. Затоа ова е наречено победосносно слегување во пеколот. После тоа, влијанието на ѓаволот врз луѓето ослабело и во адот и во светот. Ние и понатаму сме искушувани од ѓаволот со разни искушенија, но ја имаме помошта од Божјата благодат и можеме да се противставиме, ако сакаме. Христовата помош е со нас. Он рекол: „Со Моето име ќе истеруваат бесови“ (Марко 16,17). А Библиската порака вели: „Противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јаков 4,7). Спомнувањето на името Христово, крстот и прекрстувањето со вера, темјанот, кандилото и иконата, како и читањето на Библијата, претставуваат силно оружје против ѓаволот од кое тој бега.
Денес, по причестувањето пееме: Спомни си за нас, Господи, како што си спомна за разбојникот…“
Христовото одење во рајот означува отворање на вратите од рајот. На Велика Сабота, отворен е рајот, а поразен пеколот.
Влегувањето со Плаштаницата в црква, низ отворените врати, го претставува влегувањето во рајот. Вратите се отворени за цело време додека се оди со Плаштаницата трипати околу храмот, а тоа значи дека Господ Исус Христос и додека е во обиколка на пеколот, Он е во непрестајно единство со Отецот и Светиот Дух.
Во исто време, Господ Исус Христос бил и на престолот, заедно со Отецот и Светиот Дух, како Бог, со Својата Божја природа. Така вели и црковната молитва: „Во гробот телесно, а во адот со душата како Бог; во рајот, пак, со разбојникот, и на Престолот си бил со Отецот и Духот, Христе неопислив, Кој сè исполнуваш“.
Он е секогаш со Отецот и Духот – неразделна и едносушна Троица.
* * *
На Велика Сабота ноќта – на полноќ, се објавива најрадосната вест – веста за Христовото воскресение. Тоа е најсветлата ноќ – ноќ посветла од ден.
Велигденската радост е најголемата и најсветлата радост на христијаните. Таа е радост за најголемиот празник, за најголемиот Ден – Велигден – радост за Воскресението на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.
Таа радост е света радост и не е споредлива со никоја друга радост. Таква радост нема и не може да има. Таа радост е вечна како радоста на блаженството – а блаженството е постојана радост на душата.