Буџетот виси – ќе треба ребаланс?!


Домашната економија падна на колена. Растот на бруто-домашниот производ за 2017 година е нула, со што паѓаат во вода проекциите и за годинава. Сите проекции за приходи и расходи во буџетот за 2018 година беа правени со надеж дека економијата во 2017 година ќе порасне 1,6 отсто, податок кој Државниот завод за статистика вчера го демантираше. Експертите се децидни дека набргу ќе мора да има ребаланс на буџетот, во кој ќе се смалат проекциите за раст на домашната економија за годинава кои се проектирани на 3,2 отсто, а ќе порасне таа за буџетскиот дефицит, бидејќи нема шанси да биде 2,9 отсто од БДП како што е проектирано, туку ќе оди нагоре. И покрај овие поразителни бројки, од Владата се оптимисти дека ќе ја заживеат економијата со планот за економски раст.

– Уште на старт се знаеше дека проекциите, иако се намалени, не се реални. Проектиравме раст на домашната економија од 3,2 отсто во 2018 година под претпоставка дека 2017 година растот ќе биде 1,6 отсто, иако годинава требаше да биде година на закрепнување на економијата. И тоа под претпоставка дека ќе се зачува политичката стабилност, а не гледам дека тоа е така бидејќи сѐ уште имаме нефункционално Собрание. Односно немаме промена на законски решенија кои би можеле да му помогнат или да му овозможат на стопанството да ги искористи можностите. Практично, сѐ уште се е заглавено – вели професорот Фатмир Битиќи.

Тој сугерира на потреба од ребаланс на буџетот и намалување на проекциите за годинава.

– Да го видиме исполнувањето на буџетот во февруари и март. Јас имам резерви иако беше кажано дека е добро. Бидејќи само кај данокот на додадена вредност имаме пораст, а кај другите даноци е на исто ниво како претходните години. Можеби ќе има потреба од ребаланс на буџетот и намалување на проекцијата за економски раст. Дефицитот дефинитивно ќе расте бидејќи моја проекција е дека нема шанси да остане на 2,9 отсто од БДП како што е проектирано за годинава – вели Битиќи.

Тој е дециден дека оптимизам влева податокот за раст на индустриското производство во јануари кое порасна за 8,4 отсто, но има забелешки за тоа кои сектори се третирани со планот за раст и за финансиска помош.

– Индустриите што најмногу влијаат на растот се мошне проблематични. Освен земјоделство, кое има раст од 4,1 отсто, трговијата на големо и мало има речиси 9 отсто, сите други сектори се во опаѓање, а политиките на Владата со планот за економски раст и  Законот за финансиска помош најмалку ги третираат овие сектори. Третираат други сектори кои имаат пад од 2,5 до 15 отсто, како на пример  градежништвото кое беше во минус лани од 14 отсто. И во финансиските дејности и во дејностите на осигурување каде што секогаш сме имале раст, во 2017 година имаме пад од 1,8 отсто и во суштина мораме така да ги гледаме работите – вели Битиќи.

Од Владата, пак, се оптимисти и потенцираат дека ги решаваат наследените проблеми во економијата. За нив е успех тоа што од пад на БДП во првата половина, стигнале до раст во четвртиот квартал.

– Согласно податоците за бруто-домашниот производ за изминатата година од Државниот завод за статистика може да се заклучи дека со имплементација на реформските политики, економијата во државата почнува да расте. Со наследеното намалување на економијата за 1,3 отсто, Владата отпочна инклузивен процес за реанимација на економијата во државата. Во последната четвртина од 2017 година, бруто-домашниот производ во земјата порасна на 1,2 отсто. Овој раст го одразува враќањето на стабилноста и довербата. Стабилизацијата на економијата и забрзувањето на растот на БДП во четвртото тримесечје јасно покажува дека економските политики на Владата ја засилуваат економијата. Во 2018 година се очекува раст на економијата од 3,2 отсто и Владата работи на создавање услови и можности за овозможување на таквиот раст и негово интензивирање во следните години – соопштија оттаму.

Според проценетите податоци што Државниот завод за статистика ги објави вчера, стапката на раст на бруто-домашниот производ во четвртото тримесечје од 2017 година е 1,2 отсто. Статистиката покажува дека домашната економија во третиот квартал лани порасна за минимални 0,2 отсто по падот од 1,8 отсто во вториот квартал и првиот квартал кој заврши без раст, односно БДП беше нула отсто. Со што, според Статистика, земјава ја заврши минатата година со раст на БДП од 0,02 отсто, податок кој покажува дека економијата била во стагнација.

Александра Филиповска