Бизнисот и Владата со различни очила ја гледаат сивата економија


Бизнисмените го забележале трендот на намалување на легалните текови на капиталот, Владата не. Сојузот на стопански комори укажа дека од почетокот на годинава има масовен тренд на дерегистрација на фирмите, кои потоа продолжуваат да работат на диво. Посочија со прст на слабите инспекции и недоволната контрола од институциите и побараа од Владата итни мерки. Оти бројките се лоши – според ОЕЦД, неформалната економија е на ниво од 25 отсто, а пресметките на Комората покажале дека учествува со над 30 отсто во македонската економија.

Нема отстапувања во однос на бројот на компании кои се бришат од Централен регистар, врати вчера Владата. Од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев одговорија дека според последните податоци од Централниот регистар заклучно со вчера, годинава вкупно се избришани 5.309 претпријатија од сите регистри, од кои најголемиот дел или 3.309 согласно со член 552-б од Законот за трговски друштва, како претпријатија кои не регистрирале активност во изминативе три години. Тоа е помалку во споредба со податоците  од 2017 година, кога вкупно 10.620 компании биле избришани од сите регистри (6.543 преку член 552-б од ЗТД). Во исто време се основани нови 3.568 компании, од кои 2.850 се евидентирани во трговскиот регистар. Како за споредба, во 2017 година се основани 7.670 компании, од кои во трговскиот регистар биле 6.015 новоосновани претпријатија, при што може да се заклучи дека и во оваа категорија нема отстапувања.

„Владата детектираше сива економија во земјоделското производство, а во насока на надминување на оваа ситуација се предвидува да бидат формирани откупни центри, со што ќе се надмине проблемот со откупот на земјоделските производи, нивно складирање и чување и ќе се регулираат финансиските текови  во оваа гранка. Што се однесува до инспекциските служби се предвидува нивно зајакнување и доекипирање, за да може да ги извршуваат функцијата и задачите, како што е предвидено со нивните планови за работа“, одговорија од кабинетот на Анѓушев.

Со Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, инспекциски надзор треба да вршат органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, инспекциските служби во рамките на Инспекцискиот совет и овластените инспектори во општините и во Градот Скопје, секој во својата надлежност. Од Управата за јавни приходи велат дека кога ќе утврдат  нерегистрирано вршење на дејност при редовни контроли, ги известуваат надлежните инспекции, преку Инспекцискиот совет.

„Во насока на откривање и оданочување на непријавените приходи, Управата за јавни приходи преку свои претставници учествуваше во развојот на Стратегија за формализирање на неформалната економија во Македонија 2018-2022. Стратегијата е изработена и усвоена од страна на Владата во  март годинава. Општа цел на стратегијата е креирање на сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените, нерегистрираните деловни субјекти и неформалните активности во рамките на формалната економија. Формирано е Координативно тело за координирање и следење на спроведувањето на стратегијата, преку Акционен план“, ни изјавија од УЈП.

Во посочената стратегија стои дека проценките за учеството на неформалната економија во вкупниот БДП во Македонија покажуваат висока неформална економија во земјата и таа кај различни истражувачи се движи меѓу 24 и 47 проценти. Повеќето студии откриваат дека неформалната економија во Македонија се намалува во последните години.

Од Даночната управа посочуваат дека еден од сегментите каде што годинава дејствуваат за да откријат неоданочени плаќања се физичките лица кои остваруваат приходи преку интернет. Во најголем дел ги следат интернет блогерите, односно граѓаните што имаат свои интернет страници или блогови со спортска содржина специјализирана за анализа на спортски натпревари. Нивната заработка потекнува од предвидувања (типови) за исходот на спортските натпревари, услугите им се претежно наменети за странци, а плаќањето се врши преку агенти за брз трансфер на пари. И фриленсерите се актуелни за даночниците.

„Во однос на физичките лица што остваруваат приходи по основа на вршење на ИТ-услуги преку специјализирани интернет страници (фриленсери), Управата за јавни приходи пред насочување на контроли кај идентификуваните физички лица, а во насока на превентивно дејствување, доставува известување до лицата каде што тие се повикани доброволно да го пријават и платат данокот од дејноста што ја вршат“, велат од УЈП.

Анита Салтировска