Бебето на 19-годишната струмичанка е пронајдено мртво


Бебето на 19-годишната струмичанка која завчера се породила дома е пронајдено мртво, соопшти Министерството за внатрешни работи. Вчера од таму соопштија дека во неделата во болница во Струмица била хоспитализирана девојка која се породила, но немаше информации за бебето.

„Во неделата околу 23:30 часот во СВР Струмица лекар од болницата во Струмица пријавил дека кај нив била хоспитализирана 19-годишна девојка од Струмичко и по извршениот преглед, било констатирано дека претходно се породила, а при преглед на домот на повеќе места биле пронајдени докази кои укажуваат дека имало породување. Ве известуваме дека е направен увид од страна на полициски службеници и јавен обвинител и пронајдено е починато тело на новороденче“, велат од МВР.

По наредба на Јавен обвинител, телото на бебето е предадено на обдукција. Земени се примероци од крв за анализа од мајката, членови на семејството и мажот со кој девојката била во љубовна врска. По насоки на Јавниот обвинител, се преземаат мерки за расчистување на случајот.