Банките за девет месеци заработиле 75 милиони евра
Македонските банки заработиле неверојатни 75 милиони евра за девет месеци од минатата година, сума што ретко која од најјаките компании во земјава може да си ја „дозволи“ за неколку години. Податоците на Народната банка за финансиските резултати на домашните банки за третиот квартал во минатата година покажуваат дека добивката е помала за 6 милиони евра од истиот период од 2016 година, кога таа изнесуваше речиси 81 милион евра.
Инаку, во 2016 година македонските банки рушеа рекорди по профит и ја завршија со добивка од неверојатни 102 милиони евра. Ако продолжат со ова темпо, до крајот на годината можно е и тој рекорд да биде надминат.
Податоците покажуваат дека за девет месеци домашните банки наплатиле вкупно 315 милиони евра на име камати, надоместоци и провизии. На име камати биле наплатени 241 милион евра, од кои од домаќинствата вкупно 111,6 милиони евра. На свое конто банките ставиле и 74,7 милиони евра од надоместоци и провизии кои ги наплатуваат од граѓаните и компаниите.
Експертите очекуваат добивката на банките за лани повторно да биде рекордна како во 2016 година, односно да надмине 100 милиони евра. Според нив, енормниот раст на добивката на домашните банки се должи пред сѐ на разликата во каматите кои банките ги исплатуваат за депозитите и камати што ги наплатуваат за кредитите. Дополнително влијае и намалувањето на лошите кредити.
– Условите на пазарот на капитал го создаваат тоа, зашто цената на депозитите е во перманентно паѓање, а тој тренд не го следи цената на кредити. Тоа значи дека поевтинуваат парите во делот на понудата од страна на депозитите, а паѓаат, но не со ист интензитет, на кредитите. Тоа доведува до пораст на нето-каматната маргина. Тоа е следено и од постојано опаѓање на трошоците на банките, како и намалувањето на лошите ризични кредити на ниво на цел банкарски сектор – вели професорот Абдулменаф Беџети.
Според анализата на податоците на НБМ, состојбата е иста како и претходно, но загрижува тоа што малите банки откако се извлекоа и на крајот од минатата година прикажаа мала добивка, годинава ја зголемуваат негативата. Бројките покажуваат дека речиси целиот колач за девет месеци лани или 70 милиони евра си поделиле големите банки, средните биле во плус од 7,2 милиони евра, а малите банки го зацврстуваат минусот кој достигнал 2,2 милиони евра.
Александра Филиповска