Ахмети го скрши „јазичниот мраз“


Али Ахмети приреди своевиден преседан и внесе доза на освежување во предреферендумската кампања, кога на средба со граѓани во Пласница прозборе на македонски јазик, што во изминатата деценија и пол не беше воопшто практика во настапите на неприкосновениот лидер на ДУИ. Од видеото што го објави ТВ 21 од собирот во Пласница – рурална општина со околу 4.500 жители во близина на Македонски Брод, од кои најголем процент се декларираат како етнички Турци кои говорат македонски јазик, може да се заклучи дека лидерот на ДУИ мошне солидно го владее првиот службен јазик во државата.
„На 30 септември да излеземе и да гласаме ако сакаме подобра иднина. И не само ние што сме овде, туку треба да се оди од врата на врата, зашто се гласа за нашата иднина, за овој историски момент“ – им се обраќа Ахмети на своите соседи од Пласница – општина во близина на неговото родно село Зајас, Кичевско.
Ахмети е присутен во „регуларниот“ политички живот во земјава од 2002 година, односно од трансформирањето на паравоената ОНА во партија. И тој и неговата ДУИ за сето ова време се во центарот на политичките збиднувања, како неодминливи партнери во секоја владејачка коалиција, со исклучок на периодот 2006-2008 година, а независно дали на власт е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, јавноста не памети досега јавен настап на Ахмети на македонски јазик.
За разлика од повеќето други политичари од албанскиот блок во земјава, кои зборуваат течно македонски, Ахмети досега во сите свои обраќања, интервјуа за медиуми на македонски јазик, изјави за новинари… говореше на албански јазик. Во улога на преведувачи на македонски, пак, често се јавуваа некои од неговите најблиски соработници. Сепак, луѓе од неговото опкружување велат дека во не толку формални пригоди, подалеку од светлата на камерите, Ахмети често зборувал на македонски – на пример, на брифинзи со новинари или на средби со коалициските партнери. Во овие 16 години Ахмети беше партнер со сите премиери по завршувањето на безбедносната криза во земјава, почнувајќи од Бранко Црвенковски во 2002, па сè до овој момент кога ДУИ е дел од владата на Зоран Заев. Сепак, најдолго време траеше партнерството на Ахмети со Никола Груевски – од 2008 до 2015 година.
Во можеби еден од најделикатните политички моменти за државата, особено во однос на нејзиното понатамошно евроатлантско интегрирање, Ахмети реши да го скрши мразот и конечно да проговори на македонски јазик. Тоа веројатно треба да биде еден од неговите влогови во предреферендумската кампања, со оглед на тоа што противниците на договорот со Грција негираат дека со тој документ се признава македонскиот јазик и покрај тоа што, согласно со членот еден, официјален јазик на нашата држава е „македонски јазик“ кој е преведлив на сите јазици, без никаква фуснота. Во таа насока беше, веројатно, и обраќањето на премиерот Заев на македонски јазик пред Европскиот парламент во Стразбур.
Исто така, настапот на Ахмети на првиот официјален јазик во земјава се смета за порака дека членството во меѓународните институции е гаранција за напредок на соживотот во земјава, кој многупати во изминатите години беше ставан на тест. Така беше и пред неколку месеци кога главна политичка тема во земјава беше Законот за употреба на јазиците, за кој опозицијата тврдеше дека го фаворизира албанскиот јазик наспроти јазиците на другите помали етнички заедници во земјава. Потоа, таа тема падна во сенка на интензивираните преговори за името и постигнатиот договор со Грција, кој, поради „апсолутното вето“ од претседателот Ѓорге Иванов, не е објавен сè уште во „Службен весник“ – слично како и Законот за јазиците. (А.М.М.)