АХВ: Има олово, кадиум и жива во црниот дроб на дивите свињи
И до десет пати поголеми концентрации на тешки метали од дозволените во црниот дроб на дивечот, покажува анализата на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) направена во периодот 2002-2017 година.
Како што соопшти денеска директорот на АХВ Зоран Атанасов, станува збор за кадмиум, олово и жива присутни во црниот дроб на дивечот поради што се препорачува овој орган да не се консумира.
Најголеми отстапувања во присуството на тешки метали се пронајдени кај дивечот во реоните на Гевгелија, Велес, Куманово, Прилеп и Струга.
– Во одредени случаи кај отстреланиот дивеч се утврдени и до десет пати поголеми концентрации на олово, кадмиум и жива во црниот дроб. Само во четири случаи е најдено зголемување и во мускулното ткиво и тоа само во текот на 2017 година, истакна Атанасов на прес-конференција.
Во најголем процент тешките метали се детектирани кај дивите свињи (95 отсто) кои се хранат со ринење, а потоа и кај зајакот и птиците. Се претпоставува дека присуството на тешки метали доаѓа од почва.
Одговорајќи на новинарско прашање дали дивечот во рестораните е безбеден, Атанасов потенцира дека секое месо што се пушта во промет претходно подлежи на контроли.