Анализа: Кој ги прекрши процедурите и Уставот за Законот за јазиците?


Претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот, парламентарните партии и дел од експертската јавност деновиве изнесоа низа меѓусебни обвинувања за тој кој го прекршил Уставот, законите и процедурите при носењето на Законот за јазиците, со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик.

Иако најави дека Уставот и совеста не му дозволуваат да стави потпис на Указ за прогласување на ваков закон, јавноста сепак во следните денови ја очекува реакцијата на претседателот Ѓорге Иванов на повиците да стави потпис за законот да може да биде доставен до Уставниот суд и Венецијанската комисија.

Иванов обраќање

– И по својата репресивна содржина, и по насилниот начин на кој е донесен Законот за употреба на јазиците, не е израз на демократијата.  Уставот и совеста не ми дозволуваат да ставам потпис на Указ за прогласување на ваков закон. Овој закон е израз на тиранијата на парламентарното мнозинство врз мнозинството граѓани на Република Македонија. Мнозинството граѓани никогаш не гласале ниту некогаш би гласале за политичка програма во која е предвиден ваков противуставен, анти-државен и суштински неправеден закон, рече Иванов во своето обраќање.

За премиерот Зоран Заев одлуката на претседателот Иванов е „флагрантно кршење на Уставот, но и кукавичлук“.

– Законот за употреба на јазиците нема ништо да промени во Македонија ниту ќе ја наруши нејзината заедничка иднина. Апелирам да се пушти законот да живее, да се почитуваат институциите, а Уставниот суд и Венецијанската комисија да се изјаснат по него, изјави премиерот Заев.

Изрази жалење што претседателот на државата одлучил „буквално да не го почитува Уставот и објави по втор пат дека нема да го потпише законот“.

Заев изјава

– Тоа не е добро, тоа е флагрантно кршење на Уставот на Македонија и секако институциите немаат право да дозволат тоа да се случи. Но, истовремено тоа за мене значи кукавичлук, вели Заев. Тој смета дека законот треба да се потпише, да се достави до Уставниот суд и Венецијанската комисија, но и јасно да се каже дека во Штип, во Гевгелија, во Струмица не мора никој да зборува албански јазик.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која и покрај тоа што поднесе 35.000 амандмани за Законот не успеа да го спречи неговото носење, обвини дека се прекршени членови од Уставот, од Законот за Собрание… Повторуваат дека на маса е ставен неуставен, неприменлив и штетен закон за двојазичност.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ги прекршиле членовите 67 и 75 од Уставот на Република Македонија, членовите 18 и 38 од Законот за Собрание, како и пет членови од Деловникот за работа на Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери не овозможил претрес на секој амандман одделно и оневозможил разгледување на законот во третата фаза од читањето, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Џафери локални избори

Џафери по носењето на Законот објасни зошто не овозможил разгледување на амандманите: „Член 173 став 3 точно утврдува можност да се поднесат амандмани, но член 172 од Деловникот упатува дека откако нема да биде потпишан Указот од претсеателот Законот се враќа во собраниска процеура во трето читање. Член 164 став 2 од Деловникот, децидно зборува за фактот дека во трето читање амандмани може да се достава само по делови кои во второ читање биле измените или дополнети со амандмани. Имајќи предвид дека законот во второ читање не претрпи никаква измена и претседателот на Собранието се впушти да го спроведе член 164 став 2“.

За Законот за јазици во неделава што измина се изјаснија и повеќе експерти.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Мирјана Лазарова Трајковска смета дека прашањето дали претседателот Ѓорге Иванов ќе го потпише указот за Законот за јазиците е негова одлука, но, оти во оваа фаза не се работи за желба, туку за должност.

Повикувајќи се на Законот за Собрание, таа смета дека претседателот има обврска да го потпише Законот во рок од седум дена.

– Тоа е рокот вакавиот легис времето во кое претседателот треба да се произнесе. Нагласката на должност укажува на тоа дека ова не е моментот за ставање вето на ваков закон особено затоа што за да може да се даде оценка на законот тој треба да стигне пред Уставниот суд, бидејќи според мене времето за реакција на Венецијанската комисија е задоцнето. Во овој момент кога законот по втор пат е донеен понатаму обврската е во рацете на Уставниот суд,  потенцира Лазарова Трајковска.

Судија Лазарова

Според неа, исходот од вакви лоши законски процедури и постапки и, како што рече, носење закони на мускули, во праксата може да биде само пред квалитетен и одговорен суд, кој ќе го гради својот имиџ со содржајни одлуки.

– Исходот треба да биде пред належен суд, се друго е политика и политиканство. Како понатаму ќе се однесуваат политичарите, а политичар е и претседателот на државата тоа е нивно право, меѓутоа кога овој предмет ќе дојде, а треба да дојде пред Уставниот суд тој треба да си го каже своето мислење од аспект на уставноста дотолку повеќе што овој закон, за жал немаше шанса да го добие мислењето на европски и независни експерти, како што е Венецијанската комисија, рече Лазарова Трајковска.

Судијата на Уставниот суд на РМ Осман Кадриу не сакаше да даде оценка дали донесениот Закон за употреба на јазиците е уставен или не, за, како што рече, да не прејудицира евентуална одлука на Судот доколку до него стаса иницијатива за оценување на уставноста. Смета дека согласно Уставот, претседателот на државата Ѓорге Иванов е должен да го потпише Законот затоа што тој еднаш веќе го искористил правото на вето.

 

(МИА)