„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз, нето добивка, инвестиции и 105 нови вработувања
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – јуни, соопштија од компанијата, продажбите достигнуваат 3.647.869.385 денари, што е за четири отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 701.478.745 денари, бележи зголемување од околу осум отсто, единечната нето добивка изнесува 400.335.106 денари и е зголемена за седум отсто.
Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.787.739.685 денари, што е за пет отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за осум отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 37 отсто се остварени на домашен пазар, додека 63 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени шест отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто и на останатите пазари се остварени два отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Полска со продажби од 24.857.778 денари што е 7,4 пати повеќе од лани, потоа во Унгарија со продажби од 70.759.053 денари што претставува зголемување од 6 пати и САД со продажби од 97.149.017 денари што е двојно повеќе споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Украина раст од 88 отсто, Чешка раст од 48 отсто, Србија раст од 24 отсто, Косово раст од 23 отсто, Хрватска раст од четири отсто итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, антибиотиците со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, козметика и билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со три отсто, козметика со 10 отсто и билкарство учествува со три отсто.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 710.685.721 денари бележи раст од шест отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 376.774.462 денари е зголемена за четири отсто.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2018 година изнесуваат 561.358.225 денари што е претставува зголемување за 74 отсто во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот јануари – јуни 2018 година во Алкалоид се реализирани 105 нови вработувања во Република Македонија, посочуваат од компанијата.