Јаневски оптимист: Вардар не дојде да загуби
Во рамките на 5. коло од Лига Европа, Вардар утре гостува кај Зенит, лидерот во нашата група.
„Црвено-црните“ во првите четири кола забележаа исто толку порази, но Чедомир Јаневски е оптимист и вели дека на терен ќе истрчаат со желба за бод или можеби три.
„Нема што да зборувам многу за Зенит, сите знаеме со каков противник играме“ – рече тренерот на Вардар на прес конференцијата. „Зенит не е само обичен тим, туку е најдобриот во нашата група и еден од најдобрите во Лига Европа“.
„Зенит не губи лесно бодови дома, но ние сме подготвени, имаме добар тим и на терен ќе истрчаме со желба и мотив за бод или можеби три“.
„Убеден сум дека сите мои играчи имаат огромна желба да покажат дека тешкиот пораз на првиот меч со Зенит не е мерило за нашиот квалитет“.
„За добар резултат потребна е добра организацарија во играта, како во одбраната така и во нападот, мораме да одиграме хомогено и тимски. Не дојдовме да се затвориме, или како што се вели да одиграме на „нула“, ќе се обидеме да постигнеме гол. Нема што да загубиме, можеме само да добиеме, да се покажеме во подобро светло и да направиме напредок како во играта така и во резултатот“.
Запрашан дали ќе има измени во составот на Вардар, Јаневски додаде: „Задоволен сум од сите играчи кои ги имам на располагање, но нашето искуство за вакви натпревари е ново. За прв пат во историјата еден клуб од Македонија игра во вакво натпреварување. Па на одредени натпревари бевме приморани да ротираме бидејќи не бевме подготвени за вакви мечеви. И за утре ќе составиме еден тим кој ќе биде освежен и подготвен да го даде максимумот за добар резултат“.