Ѓукановиќ во Цетиње ја презеде функцијата претседател на Црна Гора


Мило Ѓукановиќ денеска во Цетиње положи заклетва и официјално ја презеде функцијата претседател на Црна Гора.

– Се колнам со мојата чест на Уставот на Црна Гора дека должноста претседател на Црна Гора ќе ја извршувам совесно и одговорно за доброто на сите граѓани на нашата татковина. Како претседател на државата ќе се посветам на чувањето на независноста и суверенитетот на Црна Гора и нејзината афирмација како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеење на правото – истакна Ѓукановиќ во заклетвата.

Освен пратениците во црногорскиот парламент, пред кои Ѓукановиќ положи заклетва, на свечената седница присуствуваа највисоки поранешни и сегашни државни функционери и челници на државни институции.

На седницата беа поканети и членови на Владата, верски лидери, ректори на универзитети, членови на дипломатскиот кор, нерезидентни амбасадори, воени аташеа и претставници на меѓународни организации.

Црногорската опозиција ја бојкотираше инаугурацијата на Ѓукановиќ, кој на функцијата го замени партискиот колега Филип Вујановиќ.