Хелсиншки комитет: Докторка од онкологија одбила да прегледа штитеник од Демир Капија

Докторка од Клиниката за онкологија одбила да му пропише терапија на штитеник на Специјалниот завод во Демир Капија, опериран од карцином. Случајот го објави Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде што најавуваат кривична пријава против лекарката. Од Клиниката за онкологија велат дека случајот е решен и нема никаква дискриминација.

Станува збор за лице на 36 години, сместено во Специјалниот завод. По операцијата во јули минатата година, состојбата му се влошила и требало да му се одреди лекување. Родителите забележале дека нивниот син почнал да ја губи тежината по операцијата и од тие причини побарале да биде прегледан од лекар кој би му дал и евентуална терапија. Првиот пат, во октомври лани, две медицински сестри вработени во заводот во Демир Капија го однеле штитеникот на преглед на Клиниката за онкологија. Според Хелсиншкиот комитет, лекарката не ги примила сестрите со штитеникот, туку само побарала да ги види документите што ги носеле.

„Откако ги погледнала и видела дека се работи за штитеник од Специјалниот завод Демир Капија кој има попреченост, им рекла дека не може да го прими на преглед бидејќи, според неа: ‘Има тој каде да оди и кој да го прегледува таму во заводот, јас немам што да му правам, што сте дошле кај мене’. Штитеникот не бил ниту примен во нејзината канцеларија. Во извештајот што лекарката им го дала на сестрите пишува дека кај пациентот е присутна тешка ментална ретардација, не е контактибилен и не зборува и, поради таквите тегоби и општа здравствена состојба на пациентот, препорачан  е натамошен третман. Имајќи предвид дека лекарката не го ни примила пациентот во својата канцеларија, таа во никаков случај не може да дава извештај единствено врз основа на медицинска документација во која има податоци за извршен оперативен зафат во јули и извештај од специјалист за понатамошно лекување, а уште помалку да наведува дека натамошен третман на пациентот би бил контраиндикативен“, стои во извештајот на Хелсиншки за системска дискриминација кон ранливи групи граѓани.

По два месеца, родителите решиле самите да одат кај докторката со целата документација, повторно да бараат докторката да го прими и да му одреди евентуална терапија. Од Хелсиншки наведуваат дека родителите побарале објаснување зошто нивниот син не бил прегледан во октомври кога бил донесен од страна на медицинските сестри од Заводот и побарале термин кога да го донесат на преглед.

„На нивните барања, одговорот бил речиси ист како и првиот пат, дека нивниот син има каде да се лекува и дека нема што да бараат кај неа. Им рекла да не го носат и да не доаѓаат повеќе“, пишува во извештајот.

Д-р Нино Васев, прв човек на Клиниката за онкологија, изјави дека никој не бил вратен, туку родителите брзале да влезат со образложение дека случајот е итен.

– Случајот беше решен уште истиот ден. Го примивме пациентот и му дадовме терапија. Родителите само чекале малку повеќе. Никој не е дискриминиран и треба да се знае дека несвесни пациенти не смеат да бидат третирани онколошки, односно да им биде дадена хемотерапија – вели Васев.

Специјалниот завод во Демир Капија е меѓу институциите за кои МТСП најави дека меѓу првите ќе бидат опфатени со процесот на деинституционализација – односно, штитениците (првенствено децата) ќе бидат соодветно згрижени надвор од Заводот, во похумани услови.

Многу клиники ги враќале штитениците

Таткото на штитеникот се обрати до Хелсиншкиот комитет непосредно по вториот неуспешен обид за прием на преглед кај докторката на Клиниката за онкологија на крајот на декември. Уште следниот ден беше остварен состанок со директорот на клиниката кој ги упати кај друг доктор, по што штитеникот беше прегледан и ја доби потребната дијагноза и терапија. Претходно првиот обид бил од страна на медицинските сестри од Специјалниот завод Демир Капија, кои исто така биле вратени од истата докторката на клиниката. Во моментот состојбата на штитеникот се следи, прима терапија и нема влошување, појаснуваат од Хелсиншки комитет.

Оттаму велат дека тоа што е алармантно е што враќањето на штитениците и неукажување на лекарска помош е пракса на многу клиники и здравствените работници не ги примаат штитениците ниту на преглед поради нивната попреченост. Законските прописи предвидуваат кривична одговорност за ваквото постапување, односно неукажување медицинска помош, како и одговорност за дискриминација по основ на попреченост, додаваат оттаму.

Сунчица Стојановска Зоксимовска