Фудбал, ЛШ: Роналдо урна три рекорди, Ливерпул прокоцка 0:3, Бешикташ за историја


Кристијано Роналдо е централна фигура на вечерта во фудбалската Лига на шампиони (ЛШ). Португалецот реализира два погодока во убедливата победа на Реал Мадрид против АПОЕЛ со 6:0 и притоа урна три рекорди за амортизирање на критиките во последно време што се однесуваа на неговиот голгетерски пост.

Со двете реализации на стадионот „ГСП“ во Никозија, тој стигна до бројката од 18 гола што е рекорд во една календарска година. И вториот рекорд е поврзан со головите, но и со Лионел Меси. Со двата против Кипраните, Роналдо сега има 98 за Реал Мадрид (Аргентинецот има 97 во дресот на Барселона) што го прават играч со најмногу погодоци за една екипа во ЛШ.

Третиот се однесува на додавањата. Португалската ѕвезда се најде во улога на асистент при вториот гол на Карим Бензема што е негова 27 во последните десет години во ЛШ, статистичка категорија во која, исто така, е нов лидер.

Против АПОЕЛ, покрај него, „стрелаа“ и Бензема двапати и Начо и Модриќ по еднаш.

Вториот натпревар што ги потисна останатите го одиграа Севилја и Ливерпул. Натпреварот на „Санчез Пискуан“ во Шпанија заврши без победник (3:3), исход за задоволство на домашните, но никако и кај тимот на Јирген Клоп кој имаше урагански вовед и разочарувачки финиш. Фудбалерите од „Енфилд роуд“ водеа со 3:0 по 30 минути игра на што следуваше идентичен одговор од Андалузијците во второто полувреме за конечна поделба на пленот.

„Црвените“ поведоа преку Фирмињо во втората минута и во 30 и Мане во 22 минута, Севилја израмни преку одличниот Бен Једер во 51 минута, по асистенција на Евер Банега, и во 60 минута од белата точка додека печат на бодот стави Пизаро во судиското екстра време на натпреварот. Во вториот меч во конкуренцијата, Спартак во Москва одигра 1:1 со Марибор.

Бешикташ за првпат во својата клупска историја ќе игра осминафинале во Лигата на шампиони. Турскиот првак одигра 1:1 во Истанбул против Порто и благодарение на победата на Лајпциг над Монако на „Луј Втори“ го осигура првото место во групата Г. Португалците поведоа со голот на Фелипе во 29 минута, возврати Талиска во 41. и резултатот до крај остана непроменет.

Наполи беше подобар од Шахјтор со 3:0, Манчестер сити од Феенорд со 1:0 во групата Ф додека Тотенхем триумфот над Борусија на „Вестфален“ со 2:1 за, само, потврда, на кризата во која се наоѓаат „милионерите“.

Лига на шампиони

Група Е: Спартак Москва – Марибор 1:1, Севилја – Ливерпул 3:3.

Табела: Ливерпул 9, Севилја 8, Спартак Москва 6, Марибор 2.

Идно коло (6 декември): Ливерпул – Спартак Москва, Марибор – Севилја.

Група Ф: Наполи – Шахтјор 3:0, Манчестер сити – Феенорд 1:0.

Табела: Манчестер сити 15, Шахтјор 9, Наполи 6, Феенорд 0.

Идно коло (6 декември): Шахтјор – Манчестер сити, Феенорд – Наполи.

Група Г: Бешикташ – Порто 1:1, Монако – Лајпциг 1:4.

Табела: Бешикташ 11, Порто 7, Лајпциг 5, Монако 4.

Идно коло (6 декември): Лајпциг – Бешикташ, Порто – Монако.

Група Х: Борусија Дортмунд – Тотенхем 1:2, АПОЕЛ – Реал Мадрид 0:6.

Табела: Тотенхем 13, Реал Мадрид 10, Борусија Дортмунд 2, АПОЕЛ 2.

Идно коло (6 декември): Тотенхем – АПОЕЛ, Реал Мадрид – Борусија Дортмунд.