Уставните измени ќе стартуваат од октомври


Веднаш по завршувањето на референдумот, ќе почне подготовката на уставните измени согласно договорот со Грција, најавуваат извори од владејачкиот табор. Оттаму посочуваат дека процесот на измена на Уставот е долг и сложен и дека ќе бидат потребни минимум три месеци за да се дојде до последната фаза – прогласување на донесените амандмани. Целта е, како што се наведува, сè да биде готово најдоцна до крајот на јануари, за да почнат процедурите за полноправно членство на земјава во НАТО, а претходно договорот за името да биде ратификуван во парламентот во Грција, која потоа влегува во предизборие, со оглед на изборите за Европскиот парламент во мај.
Засега нема поофицијални и поконкретни информации колкав ќе биде опфатот на т.н. уставна ревизија. Единствено премиерот Зоран Заев најави промени во преамбулата на Уставот и на членовите 3 и 49, кои се однесуваат на територијалниот интегритет и суверенитет на државата и на македонското малцинство надвор од земјава. Според Заев, во преамбулата ќе има само зајакнување на одлуките на АСНОМ за слобода, демократија, еднаквост помеѓу граѓаните, а за дијаспората ќе се применат европски правила.
Сепак, став на Владата е дека прашањето за уставните измени ќе се елаборира по завршувањето на референдумот, односно откако ќе се знаат резултатите од гласањето на 30 септември. Потоа, за уставните измени треба да биде информирана ВМРО-ДПМНЕ, од каде што се очекува поддршка за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за прогласување на уставните измени, со оглед на најавите на опозициската партија дека по референдумот ќе ја почитува волјата на граѓаните. Интересно е дека поранешните премиер и претседател на Собранието, Никола Груевски и Трајко Вељаноски се членови на Уставната комисија, која е првиот филтер низ кој треба да поминат амандманите откако ќе бидат пуштени во собраниска процедура.
Од ВМРО-ДПМНЕ во последниот период секојдневно притискаат Заев пред референдумот да соопшти какви уставни измени се планирани.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, ги повика вчера Заев, Радмила Шекеринска и Никола Димитров да кажат што прифатиле да менуваат во преамбулата, односно, како што рече, каква ќе биде „непријатната измена“ и како ќе гласи „воведот“ во Уставот според грчките условувања.
„Заев мора да каже што ќе се менува во Уставот бидејќи граѓаните треба според тоа да се определат како ќе постапат, а не дали во ЕУ има бесплатно здравство и квалитетно образование. Никаква промена на најавените делови од Уставот нема да го подобри животот во Македонија ниту ќе изгради болници, ќе создаде школи или ќе донесе пари. Одговорот за уставните измени се вистинскиот одговор за што она Заев и СДСМ го повикуваат македонскиот народ да излезе на гласање. Сè друго е манипулација и поткуп“, изјави Стоилковски.
Универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ, во анализа објавена во „Республика“, посочува дека договорот за името изречно бара донесување на најмалку четири уставни амандмани. А може, како што наведува, да се донесат и повеќе, зависи од волјата на македонскиот уставотворец, од неговата визија за промена и на другите одредби што не се наведени како обврска.
„Договорот започнува со обврската уставното име „Република Македонија“ да се замени со името „Република Северна Македонија“. Таа промена нема да биде тешко изводлива, бидејќи веќе постои искуство. Може да се постапи на истиот начин како во 1991 година, кога називот „Социјалистичка Република Македонија“ е заменет со називот „Република Македонија“. Тогаш, придавката „Социјалистичка“ е избришана од Уставот на СРМ и во него е вграден потесниот назив „Република Македонија“. Овој пат нема да се брише ништо, туку ќе се вметне само географската одредница „Северна“ меѓу зборовите „Република“ и „Македонија“. Тоа нема да ја наруши естетиката на Уставот, како што не ја наруши ни во 1991 година“, – објаснува Шкариќ.
Тој посочува дека вториот неодминлив амандман се однесува на преамбулата. За третиот амандман вели дека треба да обезбеди поцврста гаранција за непроменливоста на државните граници од амандманот еден од 1992 година и од член два од Привремената спогодба од 1995 година. Кон ова прашање, наведува Шкариќ, Грците покажуваат поголема чувствителност отколку кон името Македонија. Четвртиот амандман, посочува професорот, треба да содржи подобро решение за македонското малцинство во Грција од амандманот два од 1992 година и чл. шест од Привремената спогодба. (А.М.М.)