Уапсени четири лица за нападот врз Бутарис, еден малолетник


За нападот на градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, грчката полиција досега идентификуваше и уапси четири лица, од кои едно малолетно.

Прво беа уапсени еден 20-годишен и еден 36-годишен маж, а доцна синоќа и уште две други лица, од кои едно 17-годишно момче.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, четворицата ќе бидат изнесени пред јавен обвинител и ќе одговараат за нарушување на јавниот ред и мир, нанесување телесна повреда и предизвикување штета.

Денеска во Солун ќе се заседава Општинскиот совет каде што градоначалникот Бутарис ќе излезе со став за нападот.

Општински совет за инцидентот од саботата ќе се одржи и во Атина, а паралелно закажани се и собири за поддршка на солунскиот градоначалник.

Бутарис вербално и физички беше нападнат од група граѓани за време на манифестацијата за одбележување на годишнината од геноцидот на пондските Грци, во центарот на Солун.