Трета шанса за дивоградбите, легализирани само половина

Сопствениците на дивоградби добија уште една, трета шанса од државата за добивање правен статус. По стартот на овој повеќегодишен процес, во март 2011 година, речиси седум години подоцна, легализирани се и е издаден имотен лист за 195.092 објекти, приближно 50 проценти од вкупно 440.000 дивоградби за кои е поднесено барање за добивање правен статус.

На почетокот на процесот на легализација на бесправно изградени објекти, од март до септември 2011 година, беа доставени над 360.000 барања. Во дополнителниот рок, пак, што беше овозможен на почетокот на 2016 година, беа поднесени уште 80.000 барања.

Со последните измени на Законот за третман на бесправно изградени објекти од декември лани, пак, се овозможи дополнителен рок за поднесување барање за легализација, од јануари до декември годинава, а до крајот на јуни годинава за оние кои претходно побарале легализација, но не ја комплетирале документацијата со елаборат, сметка или изјава од нотар.

Неполн месец по примената на новите рокови ресорното Министерство и општини упатија апел до граѓаните да ги запазат роковите, навреме да достават документација и да не чекаат до последен ден. Ветија и ангажман за отстранување на препреките во рамки на своите надлежности за забрзување на процесот и најавија доекипирање на општинските кадри за да се одговори на сите барања.

Обемна административна постапка и имотно-правни проблеми

Во образложението на одлуката на новата Влада за дополнителните рокови Министерството за транспорт, наведе дека анализата и директните контакти на терен покажале оти во Македонија досега се легализирани скромни 50 проценти од дивоградбите. Во најголем број случаи заради обемната и сложена административна постапка, граѓаните не успеале во предвидениот рок да го остварат правото за легализација.

Дополнителните рокови со новиот закон се оценети како особено важни за оние што во изминатиот период од различни причини не ја комплетирале документацијата. За сите такви предмети општините добија обврска во најкус можен рок да ги известат засегнатите странки дека нивните претходни барања се невалидни, за да можат да го искористат новиот рок од шест месеци, да поднесат нови со целосна документација.

Податоците на општините покажуваат се чести случаите кога, иако е поднесено барање за легализација, не е доставен геодетски елаборат, односно воопшто не е побарано да им биде изготвен или пак тој да е нарачан, но да не е подигнат од геодетските фирми што го изработуваат. Искуствата на општинската администрација покажуваат дека процесот на легализација неретко го кочат и нерешените имотно-правни работи, оставински постапки, немање согласност од соседи, што повлекува судски спорови и одолговлечкување на целата постапка.

Во Скопје легализирани 63.366 објекти

Во Катастарското одделение во Скопје досега се евидентирани 63.366 легализирани објекти. Во скопските општини рекордер според бројот на поднесени барања од стартот на процесот е општина Гази Баба, каде е побаран правен статус за 18.800 дивоградби. Поради недоставен геодетски елабора администрацијата во таа општина одбила 4.284 предмети или 23 проценти од вкупниот број. Позитивно се решени 40-ина проценти, односно 7.650 предмети. За 3.146, пак, се уште не е направен увид за утврдување на фактичката состојба на лице место.

Во Струмица, пак, од досегашните вкупно 12.500 поднесени барања за легализација на бесправно изградени објекти до 2011 година решени се речиси 4.500. Од Секторот за урбанизам при струмичката општина наведуваат дека бавното темпо на решавање на предметите се должи и на опаднатата платежна моќ на граѓаните. Како што велат имаат издадено урбанистичка согласност и пресметки, но со месеци и години граѓаните не доаѓаат да платат и да си ги подигнат.

Покрај Гази Баба во Скопје најмногу барања за легализација се поднесени во Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и Чаир, а од останатите градови во Куманово, Прилеп и Штип.

Бесплатен елаборат побарале 8.282 корисници на социјална и парична помош

Во насока на подобрување на условите за легализација за социјално ранливите категории граѓани државата ги ослободи од трошоци за геодетски елаборати примателите на социјална и на парична помош. До сега се поднесени 8.282 барања за бесплатна изработка на геодетски елаборат за легализација, од кои 1.896 се за Скопје.

Како што се предвидуваше и со првото законско решение за оваа намена, услов за легализација на објектот е тој да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година. Барањата се поднесуваат до општините, каде се приложува копија од лична карта, сметка од струја или вода или изјава на нотар дека објектот е изграден пред донесување на законот, по што процедурата предвидува и доставување геодетски елаборат. Целиот процес се заокружува со добивање имотен лист со што сопственикот сега наместо дивоградба има легален имот со кој може да тргува или да го стави како залог во банка за добивање кредити.

Нови дивоградби на терен

Додека државата веќе три пати дава можност за легализација на терен и натаму се евидентираат дивоградби. Кај објектите за индивидуално и семејно домување, според надлежните институции, се уште нема целосна примена на Законот за градење.

Последните податоци на Државниот завод за статистика, покажуваат дека во 2016 година, на територијата на Македонија се регистрирани 1.037 бесправно изградени објекти. Бесправно биле изградени 203 објекти за домување, како и 174 доградби, надградби и адаптации, 168 огради, 111 деловни објекти, 107 гаражи, 107 помошни објекти, 87 настрешници, 10 летни тераси…Најголем дел од дивоградбите се во Скопје, 40, по што следат Куманово со 20, Липково и Тетово по 15, Струмица 14, Струга осум, Штип четири…

Поинаква е состојбата кај објектите од прва категорија, кои се од значење на државата. Во периодот за тековната и за минатата година во уписникот за водење на инспекциски постапки при надлежниот Државен инспекторат за градежништво и урбанизам не се евидентирани бесправни градби. Редовните инспекциски надзори што ги врши Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, покажуваат дека сите учесници во изградбата на градби од прва категорија ги почитувале пропишаните законски обврски.

Процес на легализација во државава, според предвиденото во Законот, треба да заврши до 2021 година.