Теона не го дочека првиот роденден

Велес – Малата Теона за десетина дена требаше да го прослави првиот роденден. Таа беше гордост на семејството Давчевски. Едвај почна да оди, ги учеше чекорите, како сунѓер ги впиваше зборовите на повозрасните од неа. Беше миленичка на повозрасните браќа и сестри. Семејството, кое едвај врзуваше крај со крај, се двоумеше како да ја израдува зашто желбите се едно, а можностите друго.

Теона не дочека да дувне во свеќичките на роденденската торта. Нејзиниот живот сурово згасна во трагедијата во велешкиот Вршник кога таа, нејзиниот брат и сестра ѝ загинаа во пожар.

Трошна куќичка на крајот од Велес. Од последната населена куќа, која колку-толку личи на пристоен дом има уште триста метри по каллив пат полн со дупки. Таму возило одамна не минало. Таму живее семејството Давчевски. Сиромаштија, буквална и описна. Покрај убавата природа и дивото зеленило, никнала дивоградба од дваесетина квадратни метри. Цигли без фасада. Нема струја, нема вода, полски клозет. И многудетно семејство. Таткото Никола и мајката Марина, три деца: Теона, Петар и Драган. Најмала 11 месеци, синот стар две, најстарата ќерка пет години.

И на таткото и на мајката не им беше прв брак. Марина има шест деца од три брака, најстариот син има 18 години, тој беше излезен со нив во средата кога се случи пожарот. И Никола имаше други бракови. Бог ги сакал, имаа прекрасни деца, ама ете, што ти е живот, што ти е судбина“, коментираат соседите.

Тие ги засакаа децата како свои. Велат толку време биле сами, што се почувствувале како нивни родители.

Татко им по цел ден беше излезен. Собираше шишиња, картони, железо, сѐ што можеше земаше со себе и потоа го продаваше во градот. Со него ја земаше и мајка им. Од утро до мрак беа излезени, а децата сами. Ќе ги заклучеа и ќе излезеа. А, деца како деца. Најстарата Драгана сама се движеше, еднаш дојде кај нас во куќи. Беше боса. Ја седнавме во дворот, ѝ дадовме да јаде, ѝ дадовме влечки на крајот. Дојде мајка ѝ, ја искара што бара кај нас и зошто облекла влечки што не се нејзини. Ја натера да ги соблече и да ни ги врати“, коментираат соседите.

Тешко е да се опише атмосферата што владее во соседството. Тага, очај, жал, гнев, револт, лутина… Сметаат дека државата морала и требала да биде порешителна, да ги згрижи децата кои биле оставени сами на себе. Родителите немале постојана работа, социјалната помош не била доволна, нередовниот живот, пропаднатите врски, претходните деца, недостигот од образование, немањето пристојни услови за живот…

Едното девојче од претходниот брак на Ивана имаше дванаесетина години. Господ знае колку тежок живот живееше, преку цел ден на нејзините тенки плешки носеше балони вода, кеси со продукти, некогаш и бостан. Кога ја зема татко ѝ дома, девојчето живна. Облече убава гардероба, направи фризура, се среди. Кога ја видовме, не можевме да ја препознаеме. Другите деца немаа таква среќа“, сведочат соседите.

Екипи на полицијата, Противпожарната единица и на Јавното обвинителство го истражуваа теренот надевајќи се дека ќе утврдат од што пламнал пожарот што избувна во средата околу 15:30 часот. Стравувајќи дека циглите ќе им паднат на глава, ги урнаа ѕидовите од дивоградбата.

Дваесет и пет години работам на пожари, но, и покрај моето искуство, не успевам да најдам докази од што би можело да настане пожарот. Во куќата немаше струја и вода, целата покуќнина е ставена во тие дваесетина квадрати, но знаете како велат, во пожар горат и доказите“, вели еден од инспекторите.

Во дворот има кубици дрва со кое семејството се греело во текот на зимата, но таа опција се отфрла затоа што во средата попладне било жешко, околу 25 степени, дождот почнал да паѓа дури приквечерта.

Знаеле да се греат и со запалени картони, но не и овој пат“, тврдат пожарникарите.

Соседите сведочат дека после 16 часот забележале густ чад. Не можеле да претпостават за што станува збор, затоа што на ридот има и дрвја и трева…

Далеку се, не можевме да слушнеме вресоци, а и деца се, којзнае дали врескале. Кога дојдовме, не можевме ништо да сториме. Дојдоа пожарникари, се мачеа да се пробијат по тесните улички. Децата биле свиткани во ќоше, да им била отворена вратата, односно да не била заклучена, веројатно ќе излегле и ќе се спаселе“, тврдат соседите.

Инспекторите, пак, ги негираат ваквите информации и велат оти станува збор за непотребно додавање драма во и онака хорор-приказната.

Телата на децата ги најдовме расфрлени по просторијата. Тие се мали и несвесни за ситуацијата, затоа не можеле да се прегрнат небаре знаеле што ќе се случи. Како што ги совладувал чадот и ги зашеметувал, така паѓале по подот“, сведочат пожарникарите.

Според податоците од Министерството за внатрешни работи, во средата околу 16:15 часот било пријавено дека на улицата „Даре Џамбаз“ во Велес, во куќата на Н.Д. (45), настанал пожар додека тој и неговата сопруга М.А. (37) биле отсутни. Загинале три деца, а причините за пожарот се истражуваат.

Јавното обвинителство информира дека родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница, а за тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата во која животот го загубија трите деца на возраст од четири, две и една година. Љупчо Лепидовски, командир на Територијалната противпожарна единица од Велес, изјави дека пожарот го пријавиле граѓани во 16:05 часот.

Отидовме со противпожарното возило џип, а пожарот беше во трошната куќа, која е на непристапен терен, во шума во високиот дел од градот кај последните куќи. Стасавме заедно со родителите кои биле да пазарат во продавница, а ги оставиле децата сами дома. Покривот беше паднат и ние гасневме, а заедно со нас беше и таткото. Кога изгаснавме, мислевме дека децата избегале, но, за жал, ги најдовме склупчени во едно ќоше. Прво ги најдовме целосно задушени и изгорени од огнот: Глетката беше стравотна. Во куќата немаше ни вода ни струја и имаше многу пластични шишиња кои ги собирало семејството, кое било социјално загрозено“, појасни Лепидовски.

Во Тетово изгореа мајка и четири деца

Во јануари годинава, во пожар што избувна во куќата на семејството Зулбеари во тетовската населба Поток, загинаа 38-годишната Фатиме и нејзините четири деца на возраст од шест до 14 години. Сопругот бил на работа, додека дедото и бабата го преживеаја стравотниот пожар. Да биде несреќата поголема, пред четири години во сообраќајна несреќа загина и петтиот син на Фатиме и Сулејмани Зулбеари. Причините за избувнувањето на пожарот на првиот кат од куќата сѐ уште се истражуваат, но првичните проценки се оти огнот пламнал од камионот што греел во собата каде што спиеле мајката и децата.

Горан Адамовски, Фото: Борис Грданоски