Тасиос:Разговорите за името не влијаат на туризмот меѓу двете земји


Разговорите за името и раздвижувањето во преговорите меѓу Скопје и Атина не влијаат на туризмот и туристичкиот бран од Македонија кон Грција, смета Григорис Тасиос, претседателот на грчката Федерација на хотелиери и претседател на Сојузот на хотелиери од Халкидики.

– Мислам дека е многу јасно, со години назад дека политиката нема никаква врска со туризмот, не влијае негативно на туристичките бранови од Грција кон Скопје. Очекуваме и ние да видиме каква ќе биде разврската во преговорите меѓу владите, меѓу владата на нашата земја и владата од Скопје, коментира Тасиос, додека пак на прашањето дали евентуалниот договор би влијаел позитивно на туризмот, вели дека трговските односи се добри, и едното не е поврзано со другото, па така тој лично, не очекува некакви особени промени по постигнувањето решение.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, претседателот на грчката Федерација на хотелиери и претседател на Сојузот на хотелиери од Халкидики ги анализира туристичките односи меѓу двете земји, но ги пренесува и очекувањата за посетеноста на Халкидики, за Велигден, први мај, но и летната сезона.

– Поради тоа што оваа година, Велигден е многу рано, нема никаква врска со лани. Отворени се само 10-15 хотели. Исполнетоста е 80 отсто, посетителите се во главно од Балканот, но мнозинството од Романија и Бугарија и многу малку од Скопје, бидејќи е рано. Туристите од Бугарија и Романија, во просек остануваат 3-4 дена, а од грчкиот пазар престојот е во просек од два дена. Во однос на цените, тие се исти како и лани, нема промени, објаснува Тасиос.

Претседателот на грчката Федерација на хотелиери и претседател на Сојузот на хотелиери од Халкидики, вели дека постои раздвиженост на туристи од Балканот за прв мај, но вниманието на туристичките работници во Грција е насочено кон летната сезона.

– Летово сигурно ќе биде како во 2017. Очекуваме да има зголемување на бројот на туристи во јужна Грција и на Крит. Ќе видиме. Сезоната започнува од крајот на април, а во некои региони од 15 април. Она што нѐ интересира е да можеме да имаме повеќе денови работа. Оптимисти сме дека ќе биде добра сезона, објаснува Григорис Тасиос во разговор за МИА.