Стафилов: Загадувањето на водите е енормно

Проблемот со водите е многу сериозен. Сите студии на реките и на речните сливови покажуваат енормно загадување на водите, посебно со пестициди, а во некои делови и со тешки метали, вели професор Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Нашите истражувања беа пошироки, освен истражувањата на загадените подрачја од индустриските активности, извршивме истражувања и за подготовка на геохемиски атлас на почвите во Македонија, значи целата територија на Македонија со избор на 1000 локации од коишто се земени 2000 примероци и врз основа на тие се подготви геохемиски атлас којшто излезе минатата година и е достапен. Од таму ја имаме сликата за околу 40 хемиски елементи и нивната дистрибуција во почвите во целата држава. Таму каде што очекувавме или добивме резултати за појава на одредено загадување, направивме дополнителни истражувања со многу поголем број на примероци и притоа објавивме уште седум геохемиски атласи за такви региони. Така што ја имаме сликата за загадување на почвите со тешки метали. Паралелно со истражувањето на загадувањето на почвите, земавме и примероци од мов, којшто е најдобар биоиндикатор за загадување на воздухот. Честичките од воздухот се задржуваат во мововите и со нивна анализа ние ја утврдуваме дистрибуцијата на одредени тешки метали во прашината во воздухот, но паралелно во одредени региони собиравме и голем број примероци од прашина во куќите и така натаму, така што имаме и сознанија за загадувањето на почвите и паралелно, како што споменавте, ги истражувавме главните речни сливови во однос на присуството на тешки метали во водите, во седиментите и во почвите во околината на тие региони. Од сите тие истражувања може да кажеме дека во Македонија има области каде што имаме интензивно загадени почви. Тоа има последици и во загадувањето на воздухот, со пренос на таква прашина или на почвите. Исто така имаме индустриски депонии, коишто се најчесто историски, значи од минатото, кога не се водело многу грижа за загадувањето и кога законските норми не биле на тоа ниво како што се сега за да се спречи депонирање на таков, да речеме, опасен отпад којшто е во енормно големи количества и којшто бара решенија“, вели Стафилов за РСЕ.