Сорос се повлекува од Унгарија
Фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос ја затвора својата канцеларија во Будимпешта и се сели во Берлин, соопшти фондацијата. Од таму дополнуваат дека одлуката е донесена поради тоа што Владата во Унгарија се обидува да наметне нови ограничувања на невладините организации.
„Унгарската влада ја оцрнува и погрешно ја претставува нашата работа и спроведува репресии на цивилното општество поради своите политички цели, користејќи тактики без преседан во Европската унија“, истакна Патрик Гаспард, претседател на фондацијата.
Владата на премиерот Виктор Орбан соопшти дека ќе го заострат законот за невладините организации по големата победа на владеачката партија на изборите минатиот месец, што секако ќе предизвика незадоволство во Европската унија и групите за човекови права. Со законот, на министерот за внатрешни работи му се овозможува да ги забрани активностите на невладината организација доколку процени дека нивната работа во полето на миграцијата претставува национално безбедносен ризик. Покрај тоа, сите организации што ги подржуваат мигрантските текови, ќе мораат да платат 25 отсто од донациите што ги добиваат.
Фондацијата Отворено општество вети дека ќе продолжи да ги подржува цивилните здруженија во Унгарија, односно човечките права, уметноста, културата, слободата на медиумите, транспарентноста, образованието и здравствената заштита.