Собраниска модна арена: Пази се од пратеници кога носат црвено

Деновиве, кога се расправа за уставните измени, Собранието е како арена, претседателот Талат Џафери како тореадор со црвениот плашт ги дисциплинира пратениците, а народните избраници, пак, водат сметка и за модата и како по договор носат црвена гардероба или црвени модни парчиња. Некои од ќеф, некои од инает, некои заради зголемување на егото, некои заради јакнење на самодовербата, а некои мислат дека е во тренд.

Во вжештенава собраниска атмосфера – носењето на црвената боја многумина ја толкуваат и како праќање на ратоборна порака: баш ни е гајле дали со стилот ќе бидеме последни во Брисел или први во Скопје.

Црвеното во Македонија за некого е рај, а за некого е пекол. За некого актуелно, а за некого веќе видено. Зависи: Дали сте храбри. Дали сте модерни. Дали сте патриоти. Дали сте партиски обоени. Дали сте срамежливи. Дали сте се изгореле. Дали сте се посрамотиле. Дали сакате да ве забележат. Дали сте поминале на црвено. Дали сте во црвено салдо. Дали газите по црвен килим. Дали сте ја преминале црвената линија. Дали ви тече крв. Дали сте го читале Стендал или Орхан Памук. Дали ве сака црвенокоса. Дали пиете црвено вино. Дали ви подаруваат црвени ружи. Дали ве заведуваат црвени усни. Црвено значи стоп или тргни во напад. Во Македонија е тенка линијата.

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски