Скопјани за 10 месеци запалиле 66 контејнери

За десет месеци во Скопје биле запалени 66 контејнери. Градот Скопје и „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните правилно да го одлагаат отпадот од домаќинствата и да не ги оштетуваат садовите бидејќи создаваат проблеми во собирањето на комуналниот отпад и нанесуваат штета на јавното претпријатие.

За да се подобри хигиената во градот и да се зачува животната средина, градските власти бараат граѓаните кабастиот отпад како стар мебел, електронските и електричните апарати и друго да не ги фрлаат во паркови, на тротоари или до контејнери. Тие можат да го донесат до Центрите за селекција на отпадот на Комунална хигиена во Карпош и во Вардариште или во претоварната станица што се наоѓа во Шуто Оризари и да го остават таму без да платат надоместок.