ОУ „Крум Тошев“ во Трубарево ќе добие нови училници
Доградба на три нови училници во Основното училиште „Крум Тошев“ во село Трубарево, санитарен јазол, просторија за технички персонал, како и проширување на кујната, наставничкиот кабинет, библиотеката и останати други пропратни простории, е предвидено со проектот, што се реализира со поддршка на вториот јавен повик на Владата за финансирање инфраструктурни проекти и ова е уште еден пример како со партнерство меѓу локалната и централната власт се реализираат конкретни проекти.
Ова денеска го изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска, извршија увид во градежните активностите.

– Вршиме увид во доградбата на ОУ „Крум Тошев“, проект кој силно ја отсликува нашата заложба образованието да биде темел на развојот на општината, но и на државата. Вкупната инвестиција на овој проект е 22 милиони и 850 илјади денари и се надевам дека ова е уште еден доказ дека силно инвестираме во образованието. Освен овој проект на територија на општина Гази Баба се реализираат и други проекти за развој на образовната инфраструктура. Интензивно се работи на доизградбата на новата училишна зграда на ОУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, и дополнително се градат две нови спортски сали во ОУ „Глигор Прличев“ во Железара и во ОУ „Наум Охридски“ во Црешево. Со јасен план и визија продолжуваме да ја развиваме нашата Гази Баба, рече Стефковски.

Министерката Јаневска рече дека во изминатиот период посетила повеќе општини за да направи увид во градежните работи за подобрување на инфраструктурата на образованието во земјата. Посочи дека градежните работи во ОУ „Крум Тошев“ во село Трубарево одлично напредуваат и се убедени дека на 1 септември учениците ќе почнат да учат во новите простории, што е погодно за нив и за наставниците и родителите.

– Ова е еден од 80-тина инструктурни објекти, 50-тина од вториот повик на Владата и 30-тина на МОН, што значи интензивно ја подобруваме инфраструктурата насекаде низ целата држава. Во мај почнуваат уписите на првачињата, па да ги потсетиме родителите дека за тоа е неопходно да се обезбедат офталмолошки и стоматолошки преглед и вакцинален картон и заедно со тие документи да пристапат кон упис на учениците и уште еден повик до родителите и до градоначалниците и училиштата, да се држат до реонизацијата за да не добиеме училишта кои ќе бидат пренатрупани со ученици и некои кои ќе бидат полупразни. Тоа е во корист првенствено на децата, кои се нашата основна грижа и приоритет, рече Јаневска.
Додаде дека годинава се очекува да се запишат околу 18.000 првачиња.

Директорката на ОУ „Крум Тошев“ во село Трубарево, Александра Димитриевска рече дека училиштето во моментот има 300 ученици, а со доградбата ќе се овозможат услови за сите ученици. Посочи дека секоја година имаат и зголемување на бројот на ученици со зголемен број доселени луѓе, со новите домови кои се градат во тоа населено место..

Одговарајќи на новинарско прашање градоначалникот Стефковски рече дека проектот се реализира со вториот повик на Владата со средства од унгарскиот кредит.
– Како локална самоуправа во двата повика имаме добиено близу 12 милиони евра. Динамиката на исплата е согласно реализација во времена ситуација. Како што изведувачите реализираат одредена фаза така се врши исплата преку надлежното Министерство, а потоа и преку општината на наменски сметки, додаде Стефковски.