СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги усогласиле судските закони

Власта и опозицијата постигнале согласност за реформските закони од областа на судството. Законите за судови и за Судски совет поминаа на вчерашната владина седница и наскоро ќе бидат пуштени во собраниска процедура. Усогласувањето на оваа регулатива со опозицијата се одвиваше преку работните групи што ги формираа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, при што беше приоритет да се постигне консензус за регулативата за која е потребно двотретинско мнозинство.

Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата заменик-министерот за правда Оливер Ристовски, судските закони биле донесени во соработка со ВМРО-ДПМНЕ, чии забелешки биле прифатени и вградени во предложените решенија.

Остана, рече тој, уште една пообемна измена што треба да се донесе во јуни или јули годинава, а се однесува на депрофесионализација на Судскиот совет по препораките на Прибе и Венецијанската комисија. И овие измени, како што рече, ќе сеподготвуваат во соработка со опозицијата.

– Се размислува избраните судии кои ќе бидат членови на Судскиот совет да продолжат да судат во судовите во кои работеле дотогаш, а функцијата во Советот да ја извршуваат дополнително. Нормата за предмети кои мора да ги пресудат ќе им биде намалена, рече Ристовски.

Тој истакна дека ова решение се наметнало поради тоа што функцијата во Судскиот совет е на шест години, со можност за продолжување за уште шест, што би значело преголемо оддалечување на судиите од работата што ја извршувале и ќе треба во иднина да ја извршуваат.

Основна цел на измените и дополнувањата на Законот за Судски совет, за чие изгласување е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, е внесување мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и на претседателите на судови на секои две години. Притоа се внимавало на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето, а истовремено се интервенира и во одребите за член на Совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот…

Измените и дополнувањата на Законот за судовите, пак, произлегуваат од потребата за реформа на судството, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем. За да се реши проблемот со недостиг на судии поротници се предвидува да може да се аплицира со минимум средно образование, за разлика од досега кога се било потребно високо образование, а се зголемува и дневницата која би требало да изнесува околу 500 денари, што, како што рече Ристовски, е зголемување за 2,5 пати од досегашната дневница.