Свирепо убиство во Косово: Татко до смрт го претепал 14-годишниот син


Косовската полиција информира за тешко злосторство во селото Карачево крај Каменица, каде што татко го убил својот 14-годишен син, јави дописникот на МИА од Приштина.

Врз жртвата Л.Б., роден 2004 година, според полицијата, е извршено физичко насилство со дрвен стап вчера околу 19 часот, од страна на неговиот татко Г.Б., роден 1958 година.

Откако го претепал, таткото го затворил синот во соба до 24 часот.

– Откако му се влошила состојбата, осомничениот решил да го однесе на лекар со помош на членови на смејството, меѓутоа кога стасале во медицинскиот центар во Каменица, некаде околу 00:40 часот, веќе било предоцна и дежурниот лекар само можел да констатира дека детето починало, се вели во соопштението на полицијата.

Според првичните сознанија од истрагата, се претпоставува дека таткото го претепал синот затоа што овој кришум зел пари од дома и ги потрошил.

По испрашувањето, со одлука на јавен обвинител, телото на детето е пратено на обдукција во Институтот за судска медицина, додека на таткото му е одреден 48-часовен притвор. Делото е оквалификувано како „тешко убиство“.