Пензиите да стојат, старосната граница да расте

Само со реформи што приватниот сектор ќе го направат поконкурентен работната сила поискористена, а животната средина поотпорна на несреќи, Македонија може да ја намали сиромаштијата и да го стесни јазот со Европа. Светска банка во систематската дијагностика на земјата од осамостојувањето до денес, лоцира слабости во многу области, но заклучува дека има потенцијал од земја со средни приходи да стане земја со високи приходи. Зашто, ако продолжи како досега, со просечен раст од 2,8 проценти годишно, на Македонија ќе ѝ требаат 70 години да го достигне нивото на ЕУ-земјите.

Анализата покажала дека 25 проценти од населението живее во сиромаштија, со под 5 долари дневно. Половина од работоспособното население не работи, а работната сила ја намалуваат нискиот наталитет и иселувањето. Светска банка потврдува дека Македонија лошо стои со политичката стабилност, гласноста и отчетноста, но и со владеењето на правото и контролата на корупцијата.

„Прашањето на корупцијата треба директно да се надмине. Политичката нестабилност, недовербата на граѓаните во институциите и корупцијата влијаат врз растот и креирањето на работни места и ако не ги решиме овие прашања нема да може да растете побрзо, одржливо и инклузивно“, рече Марко Хернандез, коавтор на извештајот.

Светска банка има генерална забелешка за Македонија како земја со голем јаз меѓу законите и праксата.

„Според индексот на ‘Транспаренси интернешенел’ за квалитетот на мерките за спречување на корупцијата, македонското судство доби 93 од 100 проценти за правна основа, но само 60 проценти за правно спроведување. Слични јазови има и во законодавството и во јавната администрација“, стои во извештајот. Или, како што забележа Хернандез, 68 проценти од луѓето сметаат дека меѓу најкорумпираните се судиите.

Токму затоа Банката бара властите да ја вратат довербата на луѓето за да можат да ги спроведат реформите потребни за побрз развој. Дел од реформите се лоцирани во сферата на екологијата и спречувањето несреќи. Скопје и Тетово се меѓу најзагадените градови во светот, а тоа ја чини земјата 1.600 смртни случаи годишно. Како мала земја Македонија има ниско ниво на отпорност кон природни несреќи – досега имала 23 големи несреќи со 409 милиони долари штети, беше речено на презентацијата на извештајот.

Меѓу многуте интересни податоци е и оној дека продуктивноста одзема 1 процент од БДП, дека секој ден чекање на граница ја чини фирмата 8,6 проценти помала продуктивност, дека Македонија има најскап широкопојасен интернет во регионот, дека губи 2 проценти од БДП поради сообраќајни несреќи, кои се прва причина за смртност.

На презентацијата на дијагностиката пред професорите и студентите на Економскиот факултет, деканот Љубомир Дракулевски ѝ препорача на Владата сите мерки и политики што ќе ги носи да ги оценува од аспект на препораките на Светска банка. „Ние, како што вели Светска банка, сме најголеми реформатори, носиме закони и веднаш ги реформираме. Треба да се прекине со тие политики, јасно да се постават цели и долгорочно да се работи на нивно реализирање“, рече Дракулевски.

 

Повисока старост за пензионирање и зголемување на придонесот

Пензиите да не се усогласуваат со трошоците на живот и да се зголеми стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, предлага Светска банка за средување на проблемот со Фондот за пензиско осигурување. Ова се мерки дизајнирани за краток рок. Како среднорочна мерка предлага да се зголеми возраста за пензионирање.

Пензиите, според Банката, се најголем ризик за буџетот. Пензискиот минус сега е над четири проценти од БДП, а со стареењето на населението се очекува трошоците за пензии и натаму да се зголемуваат.

 

Повеќе деца од посиромашни и рурални средини в градинка

Македонските деца имаат повисок ризик за морталитет отколку оние во другите западнобалкански или европски земји, а лошата исхрана влијае врз нивната способност за учење, како и врз нивната продуктивност во текот на животот. Затоа Банката посочува оти има итна потреба за подобрување на примарната здравствена заштита, особено на децата и за зголемување на продуктивниот животен век на сите граѓани.

Нивото на запишување во градинки е ниско, и тоа не само кај најсиромашните граѓани, каде што е 0,3 проценти, туку и кај најбогатите, каде што е 55 проценти (во Србија 80 проценти). Затоа е потребно проширување на капацитетите за деца од 3 до 5 години, посебно за деца од рурални средини и од посиромашни семејства.

Ако се прошири пристапот до квалитетна грижа за децата, ако се преиспитаат политиките за родителско отсуство и ако има системско спротивставување на традиционалните општествени норми, ќе им се даде можност на многу жени да работат во нивните најпродуктивни години.

 

Македонец – Европеец 0:4 во продуктивност

Продуктивноста ја ограничува и несоодветниот човечки капитал. Просечен работник во Европа и Централна Азија е четири пати попродуктивен од македонскиот работник, поради ниското ниво на вештини. „Околу 70 проценти од македонските 15-годишници не поседуваат основни вештини за читање и броеви, а работодавачите го наведуваат недостигот на вештини како главна пречка за водењето бизнис“, наведува Светска банка.

И ваквиот човечки капитал е недоволно искористен – 25 проценти од работниците се пензионираат помеѓу 55 и 64 години и, како резултат на тоа, во текот на животот просечниот македонски маж губи околу 25 потенцијално продуктивни години, а жените губат 30“, вели Светска банка.

Лошото формирање на човечкиот капитал почнува од запишувањето во градинките. Потоа, само 1 од 4 фирми обезбедува обука на работно место. Отежнат е преминот од училиште на работа и затоа 77 проценти од невработените лица меѓу 25 и 34 години немаат претходно работно искуство. Кај лицата на возраст од 45 до 54 години, без искуство биле 58 проценти.

Токму вложувањето во човечки капитал и отстранување на пречките и дестимулациите, кои ги блокираат работоспособните Македонци од пазарот на трудот, според Банката, е една од трите сфери каде што Македонија би требало да се фокусира за да постигне поробустен, поинклузивен и одржлив развој.

 

Треба стратегија за поздрав стил на живот

Светска банка нотира итна потреба од надградба на примарната здравствена заштита за да се подобри лекувањето, посебно на малите деца под петгодишна возраст. Потребна е темелна анализа на здравствената заштита, по што би следувало ребалансирање на примарната здравствена заштита и специјалистичките услуги, подобрена покриеност со лекови и усогласување на цените на лековите со меѓународните најдобри практики. Им препорачуваат на властите да размислат за инвестиции во здравствената инфраструктура.

„На крајот, разработката на внатрешна стратегија за поздрав стил на живот (на пример, обесхрабрување појави како пушење и прекумерна дебелина) може да придонесе за намалување на зачестеноста на незаразните болести, особено дијабетес и рак на бели дробови и зголемување на продуктивниот живот на многу Македонци“, констатира Светска банка.

Анита Салтировска