Руската православна црква му се заканува на вселенскиот патријарх Вартоломеј


Руската православна црква се закани дека ќе му се одмазди на ривалот со седиште во Истанбул ако дозволи Украина да ги прекине духовните врски со Москва и со тоа да стави крај на руското религиско владеење во земјата. Метрополитот Хиларион, шеф на Одделението за односи со јавност на Руската православна црква, вчера изјави дека ако патријархот во Киев биде признаен, „ќе немаме друг избор освен да ги прекинеме односите со Костантинопол“.

Хиларион исто така го обвини патријархот Вартоломеј со седиште во Истанбул дека неговите постапки се „подли и предавнички“.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј се очекува да донесе одлука во наредниве неколку месеци по барањето на Украина да се отцепи од Москва и да формира своја независна црква.

Руската православна црква е особено вознемирена од одлуката на Вартоломеј од 7 септември, да испрати двајца делегати во Украина како чекор кон прогласување на црковна независност за тамошната Црква.

Вселенскиот патријарх рече дека ќе испрати двајца епископи во Украина „во рамки на подготовките за одобрување афтокефалност на Православната црква во Украина“, јасно укажувајќи дека веќе одлучил да ѝ даде назависност на Православната црква во Украина.

„Кога некој дрско и цинично се меша во работите на локална православна црква, не само што создава безнадежна ситуација, туку и се заканува на глобалниот православен свет со раскол“, рече Хиларион.

Ривалот на Вартоломеј во Русија, патријархот Кирил, рече дека идејата да се отцепи украинската црква од Москва е „општоправославна катастрофа“.

Руската црква тврди дека има надлежност над Црквата во Украина. меѓутоа, многу украински парохии ја негираат Московската патријаршија и формираа одделна црква што бара признавање за самостојна, односно, автокефална институција.

Затоа Православната црква во Украина е поделена на гранка чии свештеници ѝ се верни и лојални на Москва и друга што е под закрила на непризнаениот патријарх Филарет со седиште во Киев.

Иако црквата во Константинопол е најстарата православна црква, Москва моментално е најмоќната, со најголем број верници. Не е јасно што ќе значи во пракса тоа што Украина ќе добие право на своја автокефална црква, меѓутоа експертите велат дека тоа ќе биде удар за духовниот авторитет на Русија во православниот свет.

Портпаролот на Руската црква Владимир Легојда преку популарната руска апликација Телеграм рече дека ова „е само една невидено брутална инвазија на канонската територијалност на Московската патријаршија“.

„Ваквите дејствија нема да останат без одговор“, додаде тој.

(АФП/Асошиетед прес)