Русија ја обвини САД за користење фосфорни бомби, Пентагон демантира


Русија ја обвини САД дека во воздушните напади на воени цели на истокот на Сирија користела фосфорни бомби, во зоната со цивили.

Користењето фосфорни бомби е забрането согласно меѓународното хуманитарно право.

„Два американски авиони Ф-15 во саботата, на 8 септември, го бомбардираа местото Хаџин на подрачјето Деир Езора, користејќи запалива фосфорна муниција“, се наведува во соопштението на генералот во руската војска Владимир Савченко.

Според него, тие напади предизвикале големи пожари. Савченко дополни дека во тек се проценките за тоа дали имало жртви во тој напад.

Припадниците на терористичката „Исламска дрќава“ се уште контролираат мали делови од пустинската провинција Деир Езора, меѓу реката Еуфрат и границата со Ирак.

Меѓународната коалиција предводена од САД и помага на арапско-курдската коалиција, која со месеци спроведува офанзива на тоа подрачје, борејќи се со џихадистите.

Портпаролот на Пентагон негираше користење на фосфорни бомби.

– До овој момент не сме примиле никакви извештаи за употреба на бел фосфор. Ниту една од воените единици на тоа подрачје дури не е ни опремена со бел фосфор од кој било вид, изјави командантот Шон Робертсон