„Ромео и Јулија“ на Пројковски, најдобра претстава во Турција

Претставата „Ромео и Јулија“ во продукција на Националниот театар од Истанбул и во режија на Дејан Пројковски е прогласена за најдобра во 2017 година во Турција.

Наградата ја доделува турското списание за театарска уметност „TIYATRO” кое секоја година организира доделување анадолиски театарски награди. На синоќешното доделување на наградите во „Гранд Пера“ во Истанбул присуствувале голем број личности од јавниот живот.
Премиерата на „Ромео и Јулија“ на Пројковски беше на 17 октомври 2017 година, а до крајот на годината имаше 30 изведби. На 21 декември беше одржана и гала-премиера.

Во уметничката екипа покрај Пројковски беше и кореографката Олга Панго, а композитор на музиката е Горан Трајковски. Асистент на режија е Атила Клинче, сценографијата е на Нурула Тунџер, костимографијата на Медина Алмаџ и дизајн на светло од Серхан Акн.
За овој месец се закажани 12 изведби на „Ромео и Јулија“ во Истанбул и сите се веќе распродадени.