Реакција на банките доверители на „Фени“

Трите банки (Комерцијална банка, Стопанска банка и Силк роуд) кои се доверители во комбинатот „Фени индустри“ до медиумите испратија писмена реакција во врска со обраќањето на Дмитри Черкаски, наводно преставник на компанијата „Кунико„.Во реакцијата на  банките се вели:

„Банките доверители известуваат дека немаат намера преку средствата за информирање да полемизираат со некој Дмитри Черкаски, за сите негови невистини и небулози изнесени во соопштението. Инаку, банките не знаат во кое својство се појавува ова лице, ако се земе предвид дека на социјалната мрежа Линкедин се појавува како лице кое бара работа. Во прилог е профилот на лицето Дмитри Черкаски, од кој се гледа дека е ЦФО на некоја интернационална група кој бара нови можности за вработување, но никаде не се споменува дека има некаква функција во „Кунико.“

Од сето изнесено очигледно е дека ни тие самите не се сигурни кој е сопственик на „Фени Индустри“, затоа што зависно од расположението еднаш го претставуваат „Кунико“ како сопственик, а потоа со наводно склучен наводен договор како сопственик го претставуваат„Енекод“.

 Ниту „Фени индустри“ ниту „Кунико“ немаат валиден договор за репрограмирање на обврските кон банките. Предуслов за тоа беше минималното намалување на дел од долгот кон банките кредитори. Но, претставниците на „Кунико“ се изјаснија дека немаат намера понатаму да го финансираат „Фени“, туку ќе го продадат за 1 долар на тој што ќе ги намири обврските кон банките и другите доверители.

„Кунико“ ќе може да биде релевантен соговорник во разговор со банките доверители само откако ќе ги исплати двете заостанати плати за вработените и дел од доспеаните обврски кон банките, а кои им се добро познати. Притоа, не треба да ги лажат вработените дека не е возможно да им се исплати плата од страна на „Кунико“ заради блокада на сметката од страна на банките доверители.

Исплатата е законски можна затоа што „Кунико“ тоа еднаш веќе го стори на 20.9.2017 година, кога им ја исплати августовската плата на вработените. На истиот начин нека го направат тоа и сега и нека ги исплатат заостанатите плати на вработените на „Фени Индустри“, а не да кажуваат невистини, стои во реакцијата на банките.