Расправата за доверба во Владата ќе почне утре претпладне
За утре, со почеток во 11 часот, спикерот Талат Џафери ја закажа 42. собраниска седница, на која единствена точка на дневниот ред е прашањето за доверба на Владата што го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Расправата на оваа тема треба да трае до полноќ, кога би се реализирало гласањето. За евентуално изгласување недоверба на кабинетот на Зоран Заев ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди минимум 61 глас.
Со расправата за интерпелацијата против Владата, опозицијата се враќа во работата на парламентот, по безмалку пет месеци бојкот.
Пленарните седници што беа закажани за денеска се презакажани за во четврток, кога се очекува ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во донесувањето на реформските закони од областа на правосудството и безбедносниот сектор, од кои дел се во прво читање. Тие треба да бидат изгласани до крајот на неделава, односно пред објавувањето на извештајот на Европската комисија за Македонија.