Промовирана Стратегијата за образование 2018-2025 година

Промовирана Стратегијата за образование 2018-2025 година со која треба да се обезбеди сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование насочено пред сѐ кон ученикот. Со современи програми, кои ќе им овозможат на идните генерации да се стекнат со знаења, вештини и компетенции, согласно потребите на демократското мултикултурно општество, пазарот на трудот и новите предизвици во глобалниот научно-технолошки амбиент. Документот опфаќа шест главни столба на образовниот систем, предучилишно, основно, средно, средно стручно образование, истражување, како и учење и образование за возрасни. Токму Стратегијата треба да биде главна алатка за надминување на проблемите и подигнување на квалитетот. Процесот на подготовка на Стратегијата беше во целост финансиран и поддржан од Европската Унија.
Одредени делови од стратегијата веќе се реализирани, а дел, пак, се во фаза на имплементација, рече министерката за образование Рената Дескоска. Донесен е Законот за високо образование. Измените на Законот за основно образование се на јавна расправа. Во однос на средното образование, има мерки што предвидуваат оптимизирање на организацијата на работата на училиштата и организирањето на часовите, зајакнување на функционирањето на ученичките тела. Минатата година, подвлече министерката, е започнат проектот за дуално стручно образование. Крајна цел со оваа стратегија е инвестирање во млади интегрирани поединци, кои ќе бидат слободни во изразувањето на автентичноста, креативноста. Ги повика учениците, студентите, наставниците, родителите, граѓанските активисти, ама и медиумите да бидат партнери со Владата во овој процес за Стратегијата да ги даде потребните резултати.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека Стратегијата треба да биде главна алатка за надминување на насобраните проблеми во сите области во образованието. Образованието е клучно за развојот на секоја една земја, им помага на децата да пораснат во информирани граѓани кои ќе бидат подготвени да се справат со предизвиците, не само со тие кои потекнуваат од пазарот на трудот. Образованието им помага на учениците и студентите да развијат индивидуалност. Образованието е движечка сила на целокупниот општествен напредок. Тој додаде дека се надева дека документот ќе биде добро спроведен.
„Последната проценка на ОЕЦД за квалитетот на образованието земјава ја рангираше на дното на листата од 70 држави, што претставува тема за која треба да размислуваме и да бидеме малку загрижени. Затоа Стратегијата треба да биде главна алатка за надминување на насобраните проблеми во сите области во образованието. Квалитетното образование прво и основно бара инвестирање во наставниците. Бара и наставни планови што се релевантни за пазарот на трудот, не само локално, туку ширум Европа и на меѓународно ниво. Мора да се развијат нови методи за предавање и учење. Денешниот пазар на труд бара урамнотежена мешавина од основни и трансверзални вештини со кои ќе се зајакне способноста за вработувањето. Не помалку важно е што Стратегијата треба да помогне да се создаде средина во која учениците и наставниците ќе добијат можност да дојдат до извонредност во науката, да негуваат култура на демократија, толеранција и меѓуетничка хармонија. Треба многу да се стори, ние сме тука да помогнеме“, изјави евроамбасадорот Жбогар.
Потребна е интерактивна настава, рекоа учениците на промоцијата на Стратегијата во СУСГ „Орце Николов“.
– Настава во која ние учениците би имале удел на часовите. На тој начин би биле и помотивирани – рече ученичка од СУГС „Орце Николов“
Професорката Тамара Ѓупева, која предава македонски јазик во гимназијата, рече дека учениците во земјава ја живеат четвртата индустриска револуција, време на општа дигитализација, прашањето е, нагласи таа, како нашиот национален образовен систем ќе му одговори на модерниот, современиот ученик.
– Потребни ни се уметности, потребни ни се проекти што ќе бидат интегрирани во образовниот систем – објасни професорката Ѓупева.
Инаку, изминатите дваесет години ЕУ помогна во зајакнувањето во болоњскиот процес во високото образование, ги поддржа реформите во стручната обука, меѓутоа и во развој на рано детско образование и грижа. Преку ИПА фондовите новите програми директно ќе ја поддржат и Стратегијата заедно со областа труд и социјална политика.

Вероника Мароска -Леова