Признајте ја вината подобро ќе поминете

Ерол Ризаов

Ви нема спас доказите се цврсти како планина им порача на обвинетите јавно  Специјалниот јавен обвинител  Катица Јанева  и ги повика да ја признаат вината за да добијат поблаги казни. Последниот јавен настап на Јанева  мора да добие третман на тектонски потрес и врвен приоритет за спасување на Македонија од политичари ограбувачи на своите граѓани и упропастување на својата земја. Се работи за грандиозен историски пресврт кој е во тек и оди кон правна држава.

Специјалното јавно обвинителство на Македонија за гонење на организиран криминал  и висока корупција во врвовите на власта мора да добие вечен  мандат.  Додека има власт и центри на моќ ќе има криминал и корупција и злоупотреби на функциите и овластувањата. Со СЈО ќе има многу помалку.

Ако Македонија не се спаси од злосторничките здруженија формирани од  носители на власта, ако продолжат да ја ограбуваат како воен плен без соодветна казна , да  пљачкосуваат, да ја осиромашуваат, да ја разградуваат, да ја уништуваат непречено тие што треба да ја бранат од арамии и политичари  канибали, тогаш,  ќе не изедат и сѐ ќе биде залудно, сите реформи, општествени, економски, евроатлански интеграции, владеење на правото, независно судство, слободни медиуми, демократски процеси, …. сѐ тоа попусто,  невозможно да  функционира и да се оствари  во гнило метастазирано општество  каква што е  Македонија во овој  историски период  соочена сѐ  уште со несфатливо успешно  попречување на правдата и по падот на корумпираниот режим.

Последниот јавен настап на Специјалниот јавен обвинител  Катица Јанева на ТВ 24 мора да добие третман на тектонски потрес и врвен приоритет за спасување на Македонија од политичари ограбувачи на своите граѓани и упропастување на својата земја. Се работи за грандиозен историски пресврт кој е во тек и оди кон правна држава. Тоа би морало да стане стратегиски интерес број еден на државата. Обвинителката Јанева, првпат ја гледам со толкава сталоженост и речитост, самодовербата никогаш не и недостигала, но не пред камери и микрофони, но овој пат имаше чудесна сигурност во јавниот настап. Со памук  и насмевка вадеше душа на осомничените кои сѐ уште преку рецидивите на режимот успеваат да ја одлагаат правдата. Ви  нема спас, порача  Јанева, доказите се големи како планина. Подобро дојдете во СЈО признајте ја вината, во тој  случај законите се поблаги. Ако не, казните затвор за сторените кривични дела  за повеќе предмети изнесуваат над 20 години. Се разбира, за сѐ не може да има пазарење. Судиите  во наредните десет, па и повеќе години ќе имаат полни раце работа да судат за злосторствата и злоделата на високи државни функционери и нивни соработници. Станува збор не само за покренати постапки  за тешки криминали што се извршени во изминатите години на мафијашкото владеење и заробување на целата држава и држење под надзор на илјадници граѓани и јавни личности, туку и за нови предмети кои се отворија деновиве и што ќе се отворат во наредните денови, месеци и години. Во снимените разговори има такви ѕверства кои ја креваат косата на глава кои сѐ уште се неистражени и кои не смеат да завршат без казна.

Мозаиците се склопуваат во милиметарска прецизност, вели Јанева. Има тука уште години и години работа да расчистиме со тиранијата во заробената држава. Ако е во прашање политичка пресметка никогаш немаше да прифатиме таква улога, категорична е Јанева, бидејќи тоа еден ден ќе се дознае и не може долго да се крие. Таков товар не се носи ни поради себе, ни поради поколенијата. Напротив, се работи за историски оправдана и нужна мисија за спасување на државата која и професионално и етички морално тимот на Јанева е подготвен храбро да го понесе. А, богами и го носи.

Од дневната рутина на судски извештаи, најчесто банални вести за постојани  одлагања на судски рочишта, од технички причини, поради болни сведоци, зафатени адвокати, судии, по што следуваат задолжителни јавни изјави на обвинетите дека се работи за политички прогон и одмазда, лека полека во земјата  се стишаа бомбите од снимените разговори и се создаде амбиент дека се разводнуваат и забошотуваат работите и дека сѐ ќе заврши со минимални и условни казни. Демек врана на врана не ѝ ги вади очите. Тоа  предизвика  вообичаена партиска поделеност во јавноста, кај едни дека нема доволно докази и дека навистина се работи за  политичка пресметка, а кај други дека и натаму сѐ е корумпирано и нема правда.

Обвинителот Катица Јанева ја направи парампарче оваа заблуда која почна да поприма размери на епидемија, дека од ова нема ништо да биде. Демек, прашање е на денот кога ќе има вонредни избори, Груевски или ВМРО ДПМНЕ, сеедно, се враќаат повторно на власт  и готово е, се затвораат сите случаи  со сѐ Специјалното обвинителство и обвинители.Катица Јанева стави крај на ваквите приказни со брилијантна правна експликација, многу јасна во функција на превентивност иако  со нужна воздржаност да не се врши притисок врз судиите. Јанева за сите  досега поднесени обвиненија ѝ соопшти на јавноста дека правдата е на добар пат бидејќи судовите ги прифатија сите предмети во кои како што сугестивно и самоуверено кажа се приложени непобитни докази кои, ако се суди според законите, ќе завршат со долгогодишни затворски казни. Јанева  и нејзиниот тим кои влеваат страв и трепет кај криминалците  и голема надеж кај чесните граѓани најавија повеќе  нови случаи  укажувајќи на најзначајното,  а тоа е дека  продолжуваат со  работата .

Во еден вака значаен момент, кога е на повидок владеење на правото, непречено  функционирање на судовите и сите судски инстанци,  враќање на довербата во правната држава, во слободните и независни медиуми, неопходни се неколку значајни работи за да се постигне целта, криминалот и корупцијата во високите ешалони на власта и на моќта да се сведе на скандинавско ниво. Прво, мандатот и овластувањата на СЈО за непречена работа да се  зголемат без ограничувања и рокови. СЈО  треба  да остане  обвинителство надвор од  влијанието на владата, или кои било други државни институции. СЈО треба да добие засилување со специјална полиција, судии, истражители  и вештаци, со специјално оделение за даночни измами и конфискација на имот на високи функционери и сомнителни милионери кои не платиле данок сразмерно на големината на имотот или немаат  докази за потекло на имот. И конечно, да се изгласа закон по итна постапка во Собранието на Македонија според кој  секое попречување на правдата е кривично дело кое се казнува со повеќегодишна казна затвор. Ова не е  утопистичка проекција, ова е реалност која постои во  повеќе земји кои се одлучиле на решителна  пресметка со криминалот во високите кругови на власта.

Тоа најдобро во регионот го демонстрира Романија и нејзиниот специјален обвинител Лаура Ковеси која покрена околу 1.000 тужби кон политички функционери и моќници и смести многу корумпирани политичари во затвор, а е конфискуван нивен имот незаконски стекнат во вредност од стотици милиони евра. Претседателот на Романија јавно ја пофали и застана зад обвинителката Лаура Ковеси.

И Катица Јанева и нејзиниот тим добиваат признанија и награди, но на меѓународната сцена. Нашиот претседател Ѓорге Иванов засега е активен само во попречувањето на правдата. И добро е што е така. Замислете да ги одликува Катица Јанева и нејзиниот тим за посебни заслуги во борба против најголемото зло организираниот криминал. Тоа би било навреда.