Преполовен бројот на заболени од грип

Бројот на заболени од грип се намалува. Во текот на изминатата недела во државава се регистрирани 693 заболени од грип, што е намалување за 47 отсто во споредба со неделата пред неа кога беа регистрирани 1.304 заболени од грип.

Во однос на 12-та недела од минатата сезона која се карактеризираше со ран почеток и пик на активноста, оваа сезона бројот на заболени е зголемен за 10 пати. Регистрираната инциденца oваа недела е под неделната граница на ниска (сезонска) активност на вирусот на грип.

Изминатата недела најголем број заболени – 466 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 45,6 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Најголем број заболени лица – 131 се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица, а највисока инциденца 292,5 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Свети Николе.

Во сезоната 2017/2018 се пријавени 23.097 случаи на грип. Регистрираниот број случаи е помал за 34 отсто споредено со истиот период од минатата сезона (34.725).