Премиерот Заев на закројување на лозјата во Лепово: Ги охрабрувам земјоделците да сметаат на партнерството во Владата


„Ги охрабрувам земјоделците да сметаат на партнерството во Владата, рече премиерот Зоран Заев во Неготино, по средбата со градоначалникот Тони Делков и лозари и граѓани, честитајќи го денешниот верски празник свети Трифун, кој се смета за заштитник на лозаровинарството.

Посакувајќи им бериќет, тој им се придружи во одбележувањето на традиционалната манифестација со која се одбележува почетокот на новата гроздоберска сезона.

– Знаеме дека во минатото немаше многу среќа за лозарите, имаше невреме, не беше платено навреме произведеното грозје, имаше доцнење на субвенциите. Јас сум среќен што можам овој старт на сезоната да објавам дека субвенциите се исплатени многу навремено, две недели пред самиот старт на сезоната, веќе почнавме разговори со винариите и откупувачите за да можеме да обезбедиме колку што е можно поповолна цена за лозарите оваа година. Очекуваме зголемена побарувачка зашто винариите се празни. Се надевам дека навистина ќе ги поклопиме сите моменти за да имаме среќни лзоари и зголемено производство, нагласи премиерот.

Убеден е рече дека со сите мерки на Владата, посебно со новите мерки за дополнителни субвенции за нови насади, отворање нови пласмани за финалните земјоделски производи и за вино и освојување нови пазари, цените на грозјето ќе растат. Смета и дека ваквите политики на Владата, за која нагласи дека е вистински партнер на лозарите, преку разговори со откупувачите и преку димензионирање на цените, чекор по чекор ќе обезбеди достоинствени земјодлеци.

– Истовремено Владата работи на обезбедување сигурен пласман, но секако ќе бидеме нивни партнер и во преговорите за цените. Оваа година стартуваме и со зелената нафта. Директно на еден огромен број земјоделски производители што ќе имаат до еден милион денари вкупен приход, ќе им биде вратен персоналниот данок и тоа ќе дојде токму на почетокот на наредната сезона што ќе му биде дополнителна субвенција. Да ги охрабрам нашите земјоделци да ги работат нивите, да произведуваат и да сметаат на партнерството на Владата. За нас тоа значи зголемено производство, зголемен извоз, девизен прилив во државата, но значи и егзистенција на граѓаните на Република Македонија, нагласи Заев.

Истакна дека лозарството е многу важен дел од секојдневието во Македонија зашто повеќе од 18 илјади семејства живеат од лозарството, нешто повеќе од 80 илјади граѓани кои чекаат на добар род и поволни цени за продажба на грозјето.

Премиерот денеска беше на закројување на лозјата на винарската визба „Тиквеш” во Лепово кај Неготино. На традиционалниот настан присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.