Преку „Мој термин“ ќе се следат ретките болести и бременоста


Министерството за здравство ќе го унапредува системот „Мој термин“ за што распиша тендер од пет милиони денари. Според најавите, во системот ќе се надградат постојните, но ќе се воведат и нови функционалности.

„Како еден од поголемите модули што ќе се воведе со новата надградба на системот е воспоставување софтверско решение за регистар на лица со ретки болести, кој е клучна алатка за дефинирање на здравствени стандарди во клиничката практика, за утврдување ефикасност на терапијата, како и за развој на научни и клинички истражувања. Друг поголем модул, кој е од особена важност и е дел од модулот за следење и исход на бременоста, е воведување електронска евиденција на акушерска и гинеколошка историја, со што ќе има можност за генерирање на таканаречени перинатолошки извештаи, кои ќе се базираат на податоците евидентирани во целокупната историјата на новороденчињата“, појаснуваат од Министерството.

Новини се предвидени и во делот на интегрирање на податоците во медицинското досие на пациентот и воведување резиме на пациент. Тоа ќе биде приказ на важните податоци за пациентот, како што се: последни дијагнози од извештај на специјалист, последно примени лекови, алергии, крвна група… Целта на оваа новина е при итни случаи или при редовен преглед лекарот кој го прегледува пациентот да добие основна слика за пациентот, односно за неговата историја на болести.

Отворањето на понудите од тендерот е предвидено за 14 февруари. Националниот електронски систем „Мој термин“ го користат околу 15 илјади корисници и над 4 илјади здравствени установи.
С.С.З.