Празници

ЛЕЈЛА САБИТ

Едвај чекавме да дојдат, па едвај чекавме да поминат, а сега секој ден ни е празник ако сме живи и здрави, ние и околината, ако размислуваме позитивно и не се плашиме од иднината.

Уживавме во „старите“ празници, сега треба да се навикнуваме на „новите “ празници, кои го празнеа градот, а сега само душата, кои не тераа да подзастанеме и да земеме здив, а сега од „премногу одмор“ не знаеме што да правиме и каде да го „трошиме“ стравот од она што не очекуваа оваа година.

Домот останува центар на нашите животи под маски, сами меѓу себе, без гости, на работа, по цел ден во пижами. За некого благодет, а за некого казна.

За време на празниците избиравме да патуваме вистински, сега само виртуелно, за да ги одмориме мислите, да си го отвориме умот, да примиме нови „негативни“ вибрации, да си ги освежиме и збогатиме очите, носот и ушите со нови видици, мириси и звуци во кои ќе уживаме и ќе ги чувствуваме во „новата“ нормалност.

Сѐ поминува, па и празниците. Годинава вртиме нова животна страница, некој ќе ја испише со леснотија, некој со тешкотија, некого ќе изненади, некого ќе  растажи, некого ќе усреќи, а некого ќе го разочара.

Една година постари и помудри, со неколку брчки или килограми повеќе-секој нека си ги нареди приоритетите по свое во новата 2021 година.

Добрина, среќа, здравје, успех,  безбедно работно секојдневие, билдање на телесниот и умствениот имунитет, никогаш не е премногу.

Заслуживме подобра година!