По инцидентите и нападите врз пратениците: Се раѓа ли политички екстремизам?


И покрај инцидентите и најавите за нонстоп протести, дуото Груевски-Иванов неутрализирано и истрошено.

Според политичките набљудувачи, граѓаните се свесни дека имаат поголеми предизвици од тоа да протестираат едни против други.

По немилите сцени во Собранието, кога поранешниот премиер Никола Груевски се обиде физички да се пресмета со спикерот на законодавниот дом Талат Џафери и по запалениот автомобил на пратеничката на СДСМ од Виница, дел од политичките аналитичари излегоа со смирувачки тонови за политичко-безбедносната ситуација во земјава. Поранешниот министер, пратеник и градоначалник Имер Селмани за „Независен“ изјави дека мнозинството граѓани не паѓаат веќе на провокациите на претседателот Ѓорѓе Иванов и Груевски и тоа што се случи во Собрание нема да се одрази врз евроатлантскиот пат на Македонија.


„Мислам дека ситуацијата оди кон смирување од една многу едноставна причина, а таа е дека јасно се гледа последниве денови, а особено дента кога беше изгласан Законот за јазиците, дека играта е главно соло или еден вид дует на поранешниот премиер Груевски со претседателот Иванов, со мала и можеби симболична поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и една многу мала група на поддржувачи надвор од Собранието. Така што, можам да кажам дека тоа беше една драма и нивен театар за евентуално враќање во политиката, иако јас мислам дека политички тие се истрошени и неутрализирани како Груевски, така и Иванов. Ние треба да бидеме смирени и, кога велам ние, мислам на мнозинството граѓани на Македонија, не само на Албанците. Сите што живеат тука со студени глави ја следат ситуацијата и не реагираат на провокациите, како што беа малите протести од десет до дваесет лица во малите градови кои протестираат пред вратите на пратениците на СДСМ. Лично мислам дека ова кратко ќе трае и многу е нормално опозициските партии да се обидат од ништо да направат нешто заради политички поени. Сугерирам Владата и парламентарното мнозинство да го продолжат патот кон НАТО и реформите во правосудството и посебно да ги извадат пред лицето на правдата сите од минатата власт што се огрешиле“, рече Селмани. Тој додаде дека Македонија пред себе има многу поголеми отворени прашања што треба да ги реши, какво што е прашањето со Грција околу името и внатрешните реформи, и не е време за протести.


Слично размислување има и политичкиот аналитичар Никола Дујовски. Политичко-безбедносната состојба според него е стабилна и во моментов нема политичка сила што би предизвикала посериозни инциденти во овој контекст.
„Безбедноста е на едно солидно ниво, тоа се локализирани инциденти што немаат врска со дестабилизација на каква било состојба на државата. Значи не се согласувам дека ако има едно возило запалено и неколку десетици, стотици луѓе што протестираат, од едната или од другата страна, дека може да се загрози безбедносната ситуација во земјава. Општеството е мирно и смирено, поминаа времињата на тензии и сега во овој момент не постои ниту еден индикатор дека која било политичка партија, дали од македонскиот или од албанскиот блок, сеедно, може да ја дестабилизира државата. Воопшто не станува збор за таков период во Македонија. Имавме излив на емоции на луѓе што се инструирани да прават проблеми, меѓутоа МВР е тука со целиот капацитет да го спречи тоа и да го превенира во иднина“, рече Дујовски за „Независен“.

И покрај најавените протести на Албанците за случајот Алмир и најавеното излегување на улица на ВМРО-ДПМНЕ „додека не падне власта“, Селмани и Дујовски не очекуваат внатрешните политички случувања посериозно да влијаат врз евроатлантската иднина на земјата бидејќи поголемиот број граѓани разбрале дека Македонија во моментов има поголеми предизвици отколку да протестираат едни против други.

Блерим Исмаили