Поп Арсова: Си реков и со лазење ќе стигнам на целта


Одлични временски услови (за гледачите), добра организација и забава крај патеката, квалитетна трка. Македонската престолнина вчера беше домаќин на 14. издание на „Визер Скопски маратон“. Атлетскиот настан на скопскиот асфалт донесе доминација на учесниците од Кенија, еден домашен победник, нов државен рекорд на 42,195 километри во женска конкуренција и легендарната Британка Пола Редклиф која по означување на старт на главната трка подоцна да тргна со рекреативците на пет километри.

Адријана Поп Арсова. Запомнете го ова име. Младата девојка од Виница е домашен херој на најновото издание на Скопскиот маратон. Постави нов државен рекорд во маратон и заврши како третопласирана во севкупниот редослед во женска конкуренција. Времето со кое пристигна на целта е 3:05:04 часа, што е за над две минути подобро од досегашното.

„Сакав време под три часа, но сепак и ова е добро. Презадоволна сум. Го подобрив државниот рекорд, кој исто така беше во моја сопственост, од маратонот во Загреб минатата година, иако условите за трка беа тешки. Температурата висока, сонцето силно, што лесно може да доведе до ‘горење’ на телото и колабирање, како во неколку случаи“, ни изјави Поп Арсова по настапот на Скопскиот маратон.

Вели дека идеалната температура за маратонци е околу 15 степени, во Скопје вчера беше преку 20 што дополнително го отежнува предизвикот за натпреварувачите.

„Уште на пет километри се соочив со грчеви. Тоа беше првата криза што лесно ја надминав, но последните 12 километри се удрив во т.н. маратонски ѕид. Беше пеколно тешко. Чувствував дека телото ми откажува, па бев принудена да ги истрошам сите резерви во мене. Едноставно бев решена да ја завршам трката. Си реков во себе ‘ако треба и ќе лазам, но нема откажување. Мораш до целта’. И успеав“, додава Поп Арсова.
Најдобар резултат во женска конкуренција оствари Кенијката Џедида Ванџиру Карунгу која финишира за 2:51:24 часа пред Хрватката Марија Врајиќ (3:02:00 часа) и Адријана Поп Арсова од Македонија (3:05:04 часа).

Рaдклиф: Одличен настан чиј раст е неизбежен

„Визер Скопски маратон“ оваа година го донесе најзвучното име за промотор. Настанот во македонската престолнина имаше чест и задоволство да биде домаќин на Британката Пола Рaдклиф која е актуелна светска рекордерка во маратонските трки во женска конкуренција. Резултатот што го постигна на 13 април во 2003 година во Лондон (2:15:25 часа) веројатно ќе биде тешко достижен за нејзините идни колешки уште долго во иднина.

„Прекрасен настан. Импресионирана сум од можноста да видам толку голем број среќни учесници на едно место. Трката беше одлична и општ е впечатокот дека овој настан им е при срце на натпреварувачите, но и на домашната публика и рекреативците. Овие неколку дена имав можност да се запознаам со историјата на трката, темелите се удрени години наназад и убедена сум дека растот на ‘Визер Скопски маратон’ е неизбежен“, истакна Радклиф, која го испука стартот на маратонот по што се впушти во рекреативно трчање низ скопските улици на пет километри.

Кенијците го окупираа машкиот подиум, Кираџиев петти

Скопскиот маратон во машка конкуренција го одбележа доминација на претставници на Кенија кои го окупираа победничкиот подиум. Годинашен лауреат е Еванс Кипкемои Бивот кој ја мина целната линија за 2:14:08 часа пред сонародниците Џон Лангат со 51 секунда заостанување (2:14:59 часа) и Хосеа Руто Кипротич (2:28:58 часа). Александар Кираџиев со пласман на петтата позиција (2:42:48 часа) беше најдобар меѓу македонските претставници, Марјан Бонев ги совлада двата круга на маратонската делница за 2:48:33 часа, додека Кокан Ајановски запиша време од 2:54:41 часа.

По Белград, триумф на Ивановски во полумаратон и во Скопје

Дарио Ивановски прослави нова голема победа во полумаратон за кус временски период. Членот на АК Работнички и македонски репрезентативец беше најдобар на патеката од 21 километар вчера во Скопје, откако неодамна ја порази конкуренцијата на истата делница и во Белград. Резултатот со кој го истрча скопскиот полумаратон e 1:09:10 часа. Второто место му припадна на Атанас Анчевски (1:14:44 часа), трет беше Милош Ранчиќ (1:15:56 часа), двајцата од Македонија.

Полумаратонот во женска конкуренција го одбележа Миљана Ристиќ, клупска колешка на Адријана Поп Арсова од „Делта маратон клуб“, која на крајот имаше време од 1:29:15 часа. За место на пиедесталот се изборија и Амела Трозиќ од БиХ (1:32:22 часа) и Силвија Шимуновиќ од Хрватска (1:35:06 часа).

И уште за победникот во трката на пет километри. Победата во машка конкуренција ја однесе Богдан Цветковски пред Кристијан Стојани и Леонид Вандевски, односно Греса Бакрачи, Марго Бојаџиева и Викторија Ѓорѓеска кај девојките.
„Визер Скопскиот маратон“ оваа година се трчаше 14. пат. Најновото издание на настанот беше и најмасовно досега. Пријави доставија преку 10.000 домашни и странски натпреварувачи и рекреативци од 58 земји со надеж дека во 2019 година ќе биде уште помасовно низ улиците на главниот град.

Сашко Ѓ. Димовски