Попуст

Лејла Сабит

Ниски цени.

Многу желби.

Голем ќеф.

Невидена турканица.

Џагор на разни јазици.

Расфрлена облека на подот.

Распар чевли.

Лимитирани броеви.

Љубезни и нервозни продавачи.

Редица пред гардеробер и пред каса.

Сезона е на попусти во Скопје.

Никој не вели: ај на кафе, сите велат: ај на шопинг.

Дење, ноќе, преку недела и за викенд.

Сами или во друштво.

Случајно или намерно.

Дотерани или кежуал.

Во кеш или на картица.

Среќата го заменува заморот.

Полниот паричник полека се празни.

Среќавате лица што одамна не сте ги виделе.

Скопје ви заличува како Њујорк, Милано, Париз или Лондон каде што за малку пари двапати во годината можете да се чувствувате како филмска ѕвезда.

Гардеробата со попустите добива реална вредност. Токму сега вашиот омилен фустан наместо 4 илјади денари, можете да го купите за 2 илјади денари.

Во Скопје не е грев да носиш брендиран модел или моден додаток од старите колекции. Зашто на прсти од раката можат да се избројат дамите кои од глава до петици се облечени со парчиња од новите колекции.

Во Скопје може да се случи и две жени трендсетерки на ист настан да се појават во иста креација. Зашто сите купуваат од исти популарни дуќани. И оние со среден џеб и оние со длабок џеб.

Чао на уникатноста!